Процесот на подмладување е реален и опиплив и јас лично го доживеав на себе и се уверив во позитивните резултати на подмладување кај луѓето што овие едноставни принципи, главно базирани на исхраната, ги применија во својот живот. Кога би ја рангирала важноста на факторите што придонесуваат за младешкиот изглед, дефинитивно, на прво место би ја ставила исхраната базирана на сурова растителна храна. Важноста на исхраната е толку голема, што сите други фактори се речиси занемарливи и главно се занимаваат со маскирање на нашата вистинска здравствена состојба. Кога сме здрави, тоа зрачи од ставот на нашето тело, нашиот глас, од дневните активности, погледот и сјајот на нашата кожа… Повеќето препарати и препораки за убавина на нашата коса или кожа резултираат само со привидни и привремени ефекти, само од козметичка природа.

Со едноставно споредување на нашиот систем за варење со животните што јадат растителна храна и со оние што јадат месо, ќе сфатиме дека сме природно дизајнирани за растителна исхрана. Хранејќи се како месојадците, одиме против природата и ги трпиме последиците, во вид на разни болести што се директна последица на погрешната исхрана.
Ќе бидете фасцинирани со промените на вашето тело и во вас самите набргу откако ќе пробате, наместо утринско кафе, да испиете свеж сок од овошје. Ќе почувствувате свежина и подготвеност за новите дневни предизвици.

Со суровата исхрана, особено со свежите сокови, дебелото црево се чисти, метаболизмот е поефективен и телото ја добива својата природна тежина. Ќе почнете да се чувствувате помладо, посилно, вашата кожа ќе стане мазна, а брчките ќе се намалат. Она што нѐ прави постари не се во толкава мера годините, туку отровите што ги внесуваме низ исхраната, водата, воздухот… Стресот е еден од важните фактори што влијаат на стареењето. Токсините и хормоните што се лачат во текот на стресот се кисели, а тоа, пак, ја закиселува крвта, која нормално е благо алкална (пХ 7,35-7,45). Бидејќи и суровата храна е алкална, таа го урамнотежува пХ-балансот.

Киселата средина е подлога за развој речиси на сите болести. Кога би успеале да ја одржиме нашата крв да биде благо алкална, никогаш не би се разболувале.
Пред шеесетина години, д-р Ханс Епингер, шефот на Првата медицинска клиника на Универзитетот во Виена, откри дека суровата храна ги зголемува дишењето на клетките и елиминацијата на акумулираните токсини од клетките и ткивата, а исто така обезбедува хранливи материи што ѝ се неопходни на клетката нормално да функционира. Го зголемува и електричниот потенцијал – животната енергија во клетката, па, така, целосно изгладнетите и девитализирани клетки можат повторно да оживеат. Тие почнуваат повторно да согоруваат калории во присуство на кислород од суровата храна, а истовремено го штитат телото од слободните радикали.

Стареењето не мора да биде физички и емотивно напорен процес. Научниците што ги истражувале карактеристиките на луѓето што долго живеат велат дека имаме потенцијал да живееме од 100 до 120 години, но ретко кој ја доживуваа оваа старост. Дегенеративните (старосни) промени не се природна последица на стареењето! Старосните промени, во главна мера, се резултат на лошиот начин на живот: лошата исхрана, недоволното движење, токсичната храна, како и токсините во нашата околина. Ако го промениме начинот на живот, можеме да го подмладиме нашето тело и да го продолжиме животот. Од друга страна, хранејќи се со процесирана храна, полна со шеќер, масти и хемиски додатоци, како и со животински производи, не само што рапидно старееме туку и создаваме добра база за развој на дегенеративни болести, од карцином до шеќерна болест и артритис, ментални заболувања и срцеви проблеми.
Нашата биолошка старост може во поголема мера да биде одредена со активноста на нашите ензими. Тие се извор на живот. Живот без ензими не е можен!

Ензимите се супстанции што ја разградуваат храната до најпрости делови, кои, пак, се ресорбираат во цревата. Кога нема доволно ензими, храната не се разградува и останува во цревата, хранејќи ги така габичките и паразитите.
Освен дигестивни и метаболички, има ензими и во суровата исхрана.
Кога јадеме варена храна во која нема ензими неопходни за варењето, телото краде метаболички ензими од нашиот мозок, срце и други делови на телото,за да ја свари варената храна, одземајќи ни ја на тој начин животната сила и скратувајќи ни го животот!

Нашето тело во текот на животот продуцира ограничено количество ензими.
Д-р Едвар Хавел, едно од водечките имиња во нутриционизмот, истакнува дека човекот што живее на варена храна до 40-та година, има преостанато уште само 30 отсто ензими во телото. Кога ќе се потрошат тие резерви, телото старее и умира. Освен тоа, кога консумираме варена храна, реакцијата на телото е дигестивна леукоцитоза – тоа го зголемува бројот на белите крвни зрнца, што е иста реакција како кога телото се брани од инфекција. На тој начин се намалува ефективноста на нашиот имунолошки систем.

Д-р Пол Кочакоф во 1930 година во Лозана направил истражување и заклучил дека дигестивната леукоцитоза се јавува само по земање варена храна. Уморни сме и сонливи кога јадеме „мртва“ храна. Наспроти тоа, кога јадеме жива, сурова храна, се чувствуваме свежо и одморено.
Ензимите се фонтана на младоста. Нашата виталност зависи од нашите ензими. Пушењето, премногу УВ-зраци, земањето лекови, радијацијата и други токсични супстанции може да ги оштетат нашите ензими. Суровата храна, пак, дава изобилство ензими што стигнуваат до клетките преку крвта. Ензимите се екстремно важни во одржувањето на структурата на колагенот и еластинот на кожата.
Изобилството ензими во исхраната ја одржуваат кожата мазна со текот на годините. Спротивно, недостигот од ензими во исхраната може да предизвика губење на еластичноста на кожата.

Благодарение на истражувањата на д-р Дин Орниш од Институтот за превентивни медицински истражувања во Калифорнија, ние денес знаеме дека вегетаријанската исхрана, контролата на стресот и физичката активност можат да го регенерираат нашето тело. Тој покажа дека многу дегенеративни болести можат да се третираат со правилна исхрана, а исто така можат да го запрат и пресвртат процесот на создавање биомаркери на стареењето.
Водечки имиња во светот во лекувањето со сурова храна се: д-р Мицуо Кода, д-р Макс Герсон, д-р Макс Брчер-Бенер, д-р Франсис Потенгер, д-р Ен Вигмор, како и д-р Едвар Хавел. Тие тврдат дека предвременото стареење, дегенеративните болести и инфективните заболувања не можат да пуштат корени во телото незагадено со токсини. Според тоа, првата задача во процесот на подмладување и лекување е елиминацијата на токсините што се акумулирани во телото. Суровата храна го детоксицира нашето тело и го чисти дебелото црево од отпадоците што ги носиме со себе со години.

Сето ова може лесно да се провери. Фотографирајте се, измерете ја својата тежина и една недела бидете само на сурова храна или, уште подобро, на свежи сокови и потоа споредете ги резултатите. Ќе изгледате 5-10 години помладо, ќе загубите неколку килограми и ќе се почувствувате повитално. Замислете ги промените во својот живот доколку постојано се храните со сурова растителна храна. Наместо со секој нов ден да старееме, ајде да почнеме да се подмладуваме уште од денеска!

Д-р Слаѓана Велков


Сурова храна за добра циркулација

Капиларите се мали крвни садови што формираат мрежа за микроциркулација во нашето тело. Нивната улога е да донесат крв богата со кислород за исхрана на клетките. Состојбата на нашите капилари исто така во голема мера ги одредува функционалната старост и состојбата на нашето тело. Низ капиларите хранливите материи и кислородот се транспортираат до клетките во целото тело, организмот, кожата, мозокот и жлездите, а исто така низ нив се елиминираат отпадните материи.
Со текот на годините, базирани на исхрана со животински продукти и процесирана храна, капиларите се виткаат, истегнуваат и стануваат премногу порозни. Кога ќе се случи тоа, протеините излегуваат од нив и се таложат меѓу ткивата и капиларите, спречувајќи ги правилната размена на кислород и доставата на хранливи материи, како и елиминацијата на отпадните материи. Тој процес може да ги изгладни клетките, ткивата и органите, а исто така е подлога за развој на целулит кај жените.
Овие промени се предиспозиција за дегенеративни болести и рапидно стареење.
Суровата храна може да ја поврати нормалната состојба на микроциркулацијата. Со достава на кислород во подлабоките слоеви на кожата, таа повторно ќе добие убавина и сјај.

Д-р Слаѓана Велков