„Кучешка авантура“ е ново филмско остварување што донесува трогателна приказна за пријателство меѓу човек и куче, кое на киноплатната ќе пристигне оваа пролет.

– Некои пријателства успеваат да го надминат и самиот живот – се наведува во описот на филмот што го режираше Гејл Манкузо, според сценариото напишано врз база на книгата на В. Брус Камерон.

Филмот ја раскажува приказната за еден пес што ја наоѓа смислата на своето постоење врз основа на луѓето што ги сретнува. Љубителите на животните низ светот на прв поглед се вљубија во трејлерот, а на социјалните мрежи веќе оставаат коментари, дека сигурно ќе има многу солзи за време на гледањето на „Кучешка авантура“.

Гласот на кучето по име Бејли му го позајми Џош Гад, а во филмот глумат и Денис Квејд, Бети Гилпин, Еби Рајдер Фортсон, Мег Хелгенбергер и други.
Премиерата е закажана за 17 мај во САД, а потоа филмот тргнува во светска кинодистрибуција.