Познатиот балкански кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ, во неделата, го одржа својот традиционален концерт на Богојавление во својот роден Нови Сад, во преполната сала „Спенс“. Тоа беше негов прв настап во Србија по здравствените проблеми во ноември минатата година, па токму затоа средбата со новосадската публика беше многу емотивна. Веројатно, тоа е една од причините поради кои Балашевиќ го започна концертот со песната „Словенска“, а веднаш потоа си ја отвори душата пред расположената публика, која уште на првите тактови на следниот евергрин, „Неки нови клинци“, го опсипа со кадифени мечиња на бината. Панонскиот шармер меѓу песните ги кажуваше своите препознатливи шеги и на обожавателите им порача да не му забележат што мора да се придржува до советите на лекарите, да не држи концерти подолги од три часа. Во салата „Спенс“, едноподруго до доцна во ноќта, се пееја неговите многубројни хитови: „Реморкер“, „Михољско лето“, „Не волем“… што ги изведе заедно со публиката и во придружба на својот комбиниран тамбурашки поп-бенд составен од 15 врвни музичари.

Првиот настап на Балашевиќ по доживеаниот инфаркт беше во Осиек, Хрватска на 20 декември, кога тој се шегуваше во врска со својата здравствена состојба.
– Не сум веќе стенд-ап, сега сум стент-ап комичар, бидејќи ми вградија четири стента. Навистина добро ме поправија. А вие, правете се како ништо да не се случило. Еве, дојдоа момците од бендот на кои им ги заборавив имињата, пијам лекови, затоа. А ако ги заборавам и текстовите вие сте тука. Јас секогаш некаде доаѓам да донесам позитивна енергија, а денеска сум тука, да земам малку од вашата енергија – се шегуваше Балашевиќ во својот препознатлив стил.

На 26 декември настапи пред загрепската публика, каде што со своето обраќање на почетокот ја насмеа публиката и покажа дека ведриот дух не го напуштил. Следниот концерт популарниот Балашевиќ ќе го одржи во Крагуевац на 25 јануари во салата „Езеро“.