Првата епизода од омилената детска емисија на југословенската генерација „Коцка, коцка, коцкица“, почна да се емитува на денешен ден, 28 ноември, 1974 година.

Бранко и другарите, како што ги нарекува децата во емисијата, набрзо станаа составен дел од животот, а колективниот извик „тата-та-тира“ го употребуваше речиси секое дете растено во Југославија.

Кога во далечната 1974 година Бранко Миличевиќ стана водител и главен актер на едукативната емисија „Коцка, коцка, коцкица“ на телевизија Белград, не ни сонувал дека ќе ја снима и во наредните 20 години и дека по неа ќе го добие прекарот Коцкица.

Тимот сочинет од Љубиша Богичевиќ и сценаристот Љубиша Ѓоковиќ, цела година се припремале за снимање, а после десет епизоди, чие траење е околу половина час, на местото уредник доаѓа Бисерка Пејовиќ, која на таа позиција се задржува до 1994 година.

Секоја емисија е приказна и свет за себе, независно дали Бранко и другарите се во природа, во училница, лабораторија, дали се зборува за загадување на природата, за исхрана или здравје. Бранко и другарите објаснуваа зошто некои работи се многу важни, како што е, на пример, миењето заби или јадењето спанаќ.

Во емисијата имаат гостувано славни личности од светот на уметноста, музиката и филмот, како и неколку илјади деца од целата територија на Југославија.

Познатата шпица „У свету постоји једно царство“, која стана и своевидна химна меѓу децата, последен пат се појави на телевизиските екрани во 1994 година. Иако, во 2005 година повторно почнаа да се снимаат епизоди, емисијата згаснува истата година.

Вкупно се снимени повеќе од 250 епизоди.