Александра Јовановски, водителка

Емисијата „Стисни плеј“, посветена на македонската популарна музика, чија уредничка е Александра Јовановска, а оди на Македонската телевизија веќе десетина години, од вчера се емитува и на радио.
Како дојде до оваа преселба?
– Мојата посветеност македонската музика да биде слушната едноставно ме однесе и на друг медиумски простор, добро познат за мене, бидејќи јас започнав како новинар во Македонско радио, Радио 2 во 2006 година. Тоа се луѓе што ги сметам за свои пријатели, со кои останав во комуникација и каде што не треба да се запознавам или вклопувам во средината. Нашата драга колешка Радица Митиќ, која својот работен век го помина во радиото, замина во пензија и просторот за македонска музика требаше да се пополни, а поканата јас да го направам тоа дојде од уредникот на радиото Зоран Мирчевски.
Мислите ли дека овој нов професионален предизвик ќе придонесе за популаризација на македонската музика?
– Секогаш сум ја следела и почитувала македонската музика, а континуитетот со „Стисни плеј“ ми дава одлична подлога да ја продолжам таа работа и на радиото. Во мојот автомобил со години слушам само Македонско радио, Радио 2, имаат одлична музика, како наш национален сервис се залагаат македонската музика да биде максимално застапена и не оптоваруваат со комерцијални презентации, така што се одлични за слушање секаде и секогаш.

Посакувам и на оваа фреквенција „Стисни плеј“ да има сезони за паметење и слушателите секојдневно да се вљубуваат во македонската музика.
Вашето претходно искуство пред радиомикрофонот, секако, ви помогна побрзо да се приспособите на новите услови.
– Од радиото си заминав во 2008 година, последен пат работевме заедно летна програма во Охрид пред десет години, но како времето да не поминало. По толку телевизиски проекти, кои бараат огромни подготовки, снимања, монтажи, координација со голема екипа, работата на радиото ја изедначувам со уживање пред микрофонот. Радиото е толку едноставен, а моќен медиум, кој многу лесно допира до публиката. Возбудена сум да видам што од ова ќе произлезе и како ќе се развива „Стисни плеј“ генерално во иднина. Емисијата ќе оди секој работен ден од понеделник до петок, од 12 до 13 часот.