Авиокимпанијата „Емирејтс“ со нова стратегија се обидува да привлече патници среде глобална пандемија, нудејќи т.н. патничко осигурување за коронавирус, пренесуваат светските медиуми.

Ако на патниците на „Емирејтс“ им се дијагностицира ковид-19 за време на патувањето, авиокомпанијата со седиште во Дубаи ќе им ги покрие медицинските трошоци, до 150.000 евра. Исто така ќе плати 100 евра на ден за трошоци поврзани со можен карантин, односно за хотелска соба во траење до две недели.

И ако се случи најлошото, „Емирејтс“ нуди покривање на трошоци од 1.500 евра за погреб на патникот. Оваа можност е достапна за патувањата до 31 октомври 2020 година. Важи 31 дена од „од првиот лет и продолжува со важност дури и ако патувате понатаму во друг град“, се вели во соопштението на авиокомпанијата.

Трошоците за тестирање не се дел од ова патничко осигурување, па затоа патниците мораат да контактираат со авиокомпанијата за да добијат одобрение за покривање и на овие трошоци, пред да ги платат. Понудата доаѓа откако „Емирејтс“ бара начини да го зголеми бројот на патниците и приходите. Авиокомпанијата е погодена повеќе од останатите бидејќи таа има претежно долги, интерконтинентални летови.

„Емирејтс“ забележа пад на побарувачката од 90 отсто, како што изјавил претседателот на авиокомпанијата Тим Кларк за „Бизнис инсајдер“, во интервју на почетокот на месецов, иако авиокомпанијата успеа да задржи прилив на приход со пренасочување од патнички превоз на карго-транспорт.

Патничкото осигурување за коронавирус на авиокомпанијата е обезбедено преку „Нексткер“, објави авиокомпанијата. Дообјаснувајќи дека авиокомпанијата за патничко осигурување соработува со компанијата „Алијанц“. Авиокимпанијата соопшти и дека овој вид на патничко осигурување е бесплатно и се применува автоматски, без потреба од дополнителна регистрација.