Британскиот музичар сер Елтон Џон денеска стана вториот уметник годинава чиј лик ќе се најде на комеморативна монета на британската кралска ковачница, пренесува Би-би-си.

Британската кралска ковачница го овековечи Елтон Џон на златна монета од 1.000 фунти, со која се оддава почест на неговото музичко наследство.

Паричката ја дизајнираше Бредли Морган Џонсон, а на неа се прикажани ноти, како и сламен шешир и очила, по коишто Елтон Џон е познат.

 – Ова е прекрасна почест. Во изминатите неколку години ми се случија некои од најнезаборавните моменти во кариерата и ова е уште еден убав јубилеј на тоа патување – изјави Џон.

Најевтината монета има номинална вредност од пет фунти и ќе се продава за 13 фунти, додека верзијата од еден килограм злато е со вредност од 1.000 фунти, но нејзината цена е 68.865 фунти.

Седумдесет и тригодишниот Џон беше на својата проштална светска турнеја кога таа беше прекината од пандемијата на коронавирусот.