Елон Маск повторно зборуваше за иднината на вештачката интелигенција и улогата што ја има неговата компанија во создавањето услови за симбиоза меѓу луѓето и роботите. Меѓу другото, тој откри дека стартап-компанијата „Неуралинк“, во чие основање учествуваше и Маск, е блиску до започнување со тестирање на човечки субјекти. Уште во 2019 година, „Неуралинк“ потврди дека е создаден робот што имплантите за интеракција со компјутерите може длабоко да ги интегрира во човечкиот мозок. Резултатите се добиени врз основа на тестирање на лабораториски стаорци, во чии мозоци биле вградени 1.500 електроди, за кои сè уште не може со сигурност да се тврди дали би функционирале и во човечкиот мозок.

Според експертите, доколку се докаже дека е функционална, оваа технологија, на прво место, треба да послужи за да им се вратат подвижноста, видот и можноста за говор и слух на оние што ги изгубиле. Маск, од друга страна, тврди дека поврзувањето на мозоците со компјутерите ќе биде единствениот начин да се одржи чекор со развојот на вештачката интелигенција. Така, технологијата што беше замислена како лек може да послужи како нешто многу помоќно.

Во тој контекст, најавено е дека тестирањето на луѓе се очекува „за помалку од една година“, а дебелината на имплантите што ќе се вградуваат е четвртина од обемот на човечкото влакно, така што тие ќе се интегрираат во мозочното ткиво со помош на игли, за да се избегне оштетување на крвните садови на површината на мозокот. Ваквите вградени сензори би требало да фаќаат сигнали од мозокот и да ги испраќаат до приемникот – чип што се вградува во горната површина на черепот, а оттаму информацијата ќе се пренесува безжично на предвидениот уред, пишува порталот „Пи-си прес“.