Елен Деџенерис вчера испрати емотивна порака до персоналот на нејзиното телевизиско шоу велејќи дека презема чекори за подобрување на културата, по обвинувањата за непријателска работна атмосфера.

Мејлот следеше по внатрешната истрага на „Ворнер Брос телевизија“, која го продуцира „Шоуто на Елен Деџенерис“, во врска со поплаките на продукцискиот персонал за наводно малтретирање и расизам.

– Иако не се потврдени сите обвинувања, ние сме разочарани што првичните откритија на истрагата укажаа на некои недостатоци поврзани со секојдневното менаџирање на шоуто – се вели во соопштението.

Во него се вели дека се спроведуваат некои кадровски промени како и други мерки, но не дава детали за какви промени станува збор.

Наводите, кои беа направени од страна на неколкумина поранешни вработени во статија на „Базфид“ претходно во јули, насликаа радикално поинаков поглед на животот зад камерите од позитивната атмосфера претставена од Деџенерис во емисијата.

Комичарката и нејзината емисија станаа предмет на официјална истрага поради многуте обвинувања на нејзините вработени за вознемирување на работното место од страна на извршните продуценти.

– На првиот ден од нашето шоу, им кажав на сите дека шоуто на Елен Деџенерис ќе биде место на среќа – никој нема да го крева својот глас и сите ќе бидат третирани со почит. Очигледно, нешто се сменило и јас сум разочарана што дознав дека тоа не било така – напиша Деџенерис во мејл до вработените, што им беше достапен на новинарите.