Големите произведувачи на електрични автомобили, вклучувајќи ги „Тесла“, но и компаниите како „Фолксваген“, „БМВ“ и „Форд“, испраќаат десетици различни информации за возилата до кинеската влада, а податоците се предаваат без возачите и сопствениците тоа да го дознаат, пренесува британски „Индепендент“.

Компаниите за автомобили велат дека податоците се праќаат поради локалните регулативи, а властите тврдат дека податоците се користат за подобрување на јавната безбедност, олеснување на индустрискиот развој и инфраструктурното планирање.
Ваквите известувања, наводно, придонесоа во зголемувањето на бројот на надгледувачки алатки кои кинеската држава ги користи за да ги надгледува своите граѓани.

Добиените информации креираат голема мапа на која е претставена локацијата на секој човек во автомобилот, чие движење потоа е надгледувано. Се верува дека Институтот за технологија во Пекинг добива информации за повеќе од еден милион возила кои ги надгледува во Кина, односно оти овие бројки допрва ќе се зголемуваат.

– Податоците за секојдневниот живот и активностите кои луѓето ги прават стануваат дел од таканареченото сеприсутно набљудување. Се што прават тие е снимено и зачувано, со цел потенцијално да биде искористено и да влијае на животот и на слободата – вели Мајкл Чертоф, автор на книгата „Екслозивни информации“, кој работел како секретар во Службата за национална безбедност на САД, за време на мандатот на Џорџ В. Буш.

Критичарите велат дека податоците собрани во Кина ги надминуваат потребите за поставените цели, односно можат да бидат злоупотребувани. Под лидерството на претседателот Си Џинпинг, Кина стапи во борба со проблематичното однесување кај граѓаните и создаде вештачка интелигенција со цел да ги надгледува, да ги предвидува и спречува заканите кои тие можат да ги направат.

– Владата сака цело време да знае што прават и планираат граѓаните и сака да реагира соодветно на најбрз можен начин. Не постои заштита против државниот надзор – изјави Маја Ванг, истражувачката за „Хјуман Рајтс Воч“.