Дали комарците можат да го пренесат коронавирусот е прашање што предизвика дебата во стручната јавност. Според Светската здравствена организација (СЗО), нема податоци или докази дека овие инсекти го пренесуваат коронавирусот, објави американската телевизија Си-ен-би-си.
Лоренс Стенбери, директор на Институтот за глобално здравје на универзитетот за лекари и хирурзи „Вагелос колеџ“ во Њујорк, укажа на тоа дека во претходните истражувања се обиделе да заразат комарци со вирусот, но не успеале.
– Комарците во себе имаат некои вируси, но апсолутно нема никакви докази дека можат да се заразат со коронавирусот или дека можат да го пренесат. Значи, не знам од каде потекнуваат ваквите тврдења – се прашува тој.

Амеш Адалџa од здравствениот дом „Џон Хопкинс“ во Балтимор исто така вели дека нема докази дека комарците можат да го пренесат коронавирусот. Но треба да се има предвид дека тие можат да пренесат некои други заразни болести. Како што се вирусот западен нил, енцефалитис, вирусот зика и денга-треската.
– Комарците пренесуваат разни видови заразни болести. Сепак, ова често се занемарува затоа што не е голем проблем. Важно е да се задржи нивниот број под контрола, дури и кога нема епидемија – истакнува Адалџa.

Затоа е важно просторот во кој живеат луѓето да не е погоден за размножување на овие инсекти. Меѓу другото, се препорачува на местата каде што има голем број комарци, да носиме облека што ќе нè заштити.