Неделниот мини-фестивал во паркот „Сефтон“ во Ливерпул беше една од официјалните проби на Владата да истражи дали и колку големи собири може повторно да се организираат безбедно

На пробниот концерт во Ливерпул во неделата е забележан најголем број на луѓе што легално биле во мала област во Велика Британија од почетокот на пандемијата на коронавирусот. Тоа беше единствена вистинска сцена во последните во 13 месеци. Над 5.000 љубители на музиката танцуваа и скокаа, пееја наглас, без маска, без физичко растојание, без правила за ограничување, без ризик од казни.
Неделниот мини-фестивал во паркот „Сефтон“ во Ливерпул беше една од официјалните проби на Владата да истражи дали и колку големи собири може повторно да се организираат безбедно. Сите што имаа билети беа тестирани на една од четирите точки во градот и им беше дозволено да влезат само доколку тестот им е негативен. Тие исто така беа охрабрени да направат потемелни ПЦР-тестови на денот на концертот и да го направат тоа повторно пет дена подоцна. Ова ќе биде клучно за да се утврди дали ќе има ширење на вирусот. Научниците проучуваат и други фактори, како што се движењето и интеракцијата на публиката, вентилацијата и консумацијата на алкохол. Сè е насочено кон утврдување како може да се организираат летни музички фестивали по 21 јуни, кога, теоретски, четвртата фаза од планираното повторно отворање требаше да означи крај на ограничувањата на социјалните и физичките контакти.

Кога се отворија портите во паркот „Сефтон“, во неделата, во 16.30 часот, публиката со задоволство ги тргна маските.
– Едноставно, беше нереално. Се чувствував како да скокнав од авион. Беше неверојатно емотивно. Се обидов да останам смирена на сцената. Но во текот на последната песна нешто ми влезе во грлото и кога излегов од сцената, не се ни срамам да го признаам тоа, плачев. Плачев. Тоа беше неверојатно – раскажува кантавторката Зузу од Ливерпул, која беше една од изведувачите на концертот.
Некои од впечатоците на публиката гласеа: „Беше многу подобро од вообичаено“. „Беше толку лудо да се опкружувам повторно со луѓе“. „Да бидете повторно во толпа, се чувствувате како да сте дел од нешто поголемо од вас самите“. „Присуството на настанот без ограничувања е како некој да го тргнал товарот од вашите раменици“. „Повторно се чувствувате живо“.
Некои посетители признаа дека биле загрижени што се повторно во толпа по толку време.
Покрај оваа шестчасовна свирка, во ноќните клубови во Ливерпул беа организирани уште два настана во петокот и во саботата, на кои присуствуваа 3.000 луѓе.
– Напорно работевме да сториме сѐ што е потребно – сите тестирања, за да создадеме атмосфера што не е стерилна и да не биде како да си на тест или експеримент. И создадовме атмосфера што луѓето ќе ја запомнат.

Постојат многу фестивали што зависат од ова тестирање. Ова е огромно од економска гледна точка, но исто така и од психолошка, емоционална, од гледна точка на благосостојбата на човекот. Видов како луѓето се распаѓаат овде со чувството да се повторно меѓу луѓе и се плашам дека ако не го вратиме ова, изолацијата што ја доживуваат многу луѓе едноставно ќе стане неподнослива – изјави Мелвин Бен, генерален директор на „Фестивал Република“.
Некои фестивали, како „Гластонбери“, веќе се откажани за ова лето, додека други се неизвесни.
Организаторите, исто така, ја повикуваат Владата да ги осигури организаторите затоа што ако се појави нов бран на коронавирус, ќе мора да бидат откажани и фестивалите, за кои се потрошени големи суми во подготовките.