Екоопштината е заснована врз принципите на одржлив развој. Самата идеја првпат се појави во Финска, летото 1980 година, но првата таква општина се појави во 1983 година во Кралството Шведска, во малото рурално гратче Оверторне

Екоопштината е најдобриот пример во светот за поврзаност помеѓу желбата и потребата на современиот човек за негов постојан развој и подобрување и зачувување на животната средина. Еколошките прашања одамна ги напуштија кабинетот и тесните кругови во политичката и јавната сфера. Се развиваат нови видови социјален одговор, во форма на движења во животната средина. Еколошките проблеми станаа социјални, а природата сè повеќе се перципира како „социјално конституирана“. Човекот стана зависен од својот производ, од алатките и знаењето со кои произведува други производи. За човекот да обезбеди во својата околина првенствено репродукција, а потоа и производство – биолошко, економско, техничко, производство на добра и духовни потреби, тој мора да создаде одредена рамнотежа помеѓу употребата на средствата за труд (технички систем) и природата (екосистем ). Моделот што нуди ваква неопходна рамнотежа е токму екоопштината.

Шведскиот модел

Таа е заснована врз принципите на одржлив развој. Самата идеја првпат се појави во Финска летото 1980 година, но првата таква општина се појави во 1983 година во Кралството Шведска, во малото рурално гратче Оверторне.
Во времето кога беше формирана екоопштината, оваа локална заедница имаше големи проблеми со невработеноста и масовното преселување на локалното население во поголемите градови. Концептот на екоопштина бил начин да се решат овие проблеми. Одеднаш на површина излегле проблемите за лошо одржуваните патишта, јавното осветлување, проблемот со сортирање опасен отпад за животната средина и многу други. Биле наведени ресурсите со кои располага оваа заедница и почнале сортирањето и рециклирањето на отпадот. Тоа бил првиот селски проект во кој луѓето биле директно вклучени. Спроведена е кампања за издигање на еколошката свест кај локалното население, паралелно се работело на развој на локалната економија. Почнал проект за производство на храна, кој резултирал со неколку органски фарми, во кои учествувале локални жители од сите возрасти. Идејата била да се подигне целата општина на овој начин.
Како резултат на спроведените мерки, денес ова мало рурално место речиси нема невработени, преселбата на жителите е запрена, а самата идеја на екоопштината резултира со основањето на Здружението на шведски екоопштини во 1995 година. Денес, здружението има приближно осумдесет општини, а основната задача на здружението е да го спроведе овој модел низ целата земја. Со текот на времето, моделот се шири низ целиот свет, така што денес можеме да најдеме такви начини на организирање на локална самоуправа во САД, Канада, Јапонија, Нов Зеланд, Уганда, Естонија, Аргентина. Моделот е заснован така што може да се примени на различни големини на општини и во различни социјални аранжмани. Идеите што се спроведуваат денес во екоопштините, а кои резултираат во заштита на животната средина, се различни.

Округот Миран спроведе проект за урбано уредување

Во местото Солелевера, во некои од локалните основни училишта е спроведен проект што требаше да придонесе за зголемување на знаењето на учениците за проблемот со недостиг од енергија и климатски промени, со посебен фокус на употребата на сончевата енергија.
Добар пример е округот Миран, кој спроведе проект за урбано уредување. Овој концепт создаде одржлив кварт со зелени површини, зелени простории и паметни системи. Проектот стави акцент на сообраќајот на пешаците и велосипедите, како и на комерцијални зелени системи, како што се вертикалните градини.
Сепак, постојат примери во практиката на екоопштините што ни покажуваат дека дури и многу едноставни решенија може да имаат големи позитивни ефекти врз зачувувањето на животната средина и намалувањето на загадувањето. Еден таков пример е екоопштината Худиксвал, која во соработка со локалниот трговски синџир „Стора куп“ прва во Шведска им понуди на клиентите да купат овошје во хартиена кеса за ѓубре, односно вреќа што вообичаено се користи за отстранување на отпадот од домаќинствата.
– Не може да биде подобро! Купувачите купуваат овошје во хартиени кеси за отпад, кои ја добиваат вистинска цел кога ќе стигнат дома. Со оваа идеја, отидовме чекор понатаму – вели водичот на проектот Ева Б. Нилсон.
Екоопштината е пример за тоа како локалната заедница може да придонесе за зачувување на нејзината животна средина и во полн капацитет да ја потврди изреката „размислувај глобално, дејствувај локално“. Она што му треба на нашето општество е првенствено издигнување на еколошката свест за важноста на природата и зачувување на нашето непосредно опкружување, а тоа се постигнува преку континуирано учење во текот на образованието, од основното до високото, а потоа дизајнирани јавни кампањи и специфични програми.