Производство на облека со сертификати и етикети што ја штитат животната средина е добра стратегија за промовирање на повеќе свесни потрошувачки модели. Исто така, има организации што се во потрага по материјали што досега се сметале за отпад и наоѓаат начин од нив да направат нова облека, вели Марија Илиќ

Марија Илиќ, пиар-менаџерка на „Моден викенд“

Осумнаесеттото издание на „Моден викенд Скопје“ воспостави нова врска со модата и со еколошката свест во нашата земја, потврдувајќи дека модата има моќ да направи позитивни промени во опкружувањето, особено ако се има предвид дека модната индустрија е втора економска гранка во светот и еден од главните виновници за загрозувањето на животната средина.
Најновото издание на оваа манифестација, што се одржува од 1 до 4 ноември во хотелот „Скопје Мериот“ го иницираше проектот „Модата како дел од екосистемот“ за да му се даде нов живот на текстилниот „отпад“ на неочекувани начини. Ќе можат да се видат најновите колекции на домашни и на дизајнери од регионот, со нови колекции на темата „Модата како дел од екосистемот“. „Со овој проект сакаме да ѝ дадеме втор живот на облеката, вреднувајќи го и туѓиот труд“, вели Марија Илиќ, лице за односи со јавноста на „Модниот викенд“.

„Модата дел од екосистемот“ – како се имплементира оваа синтагма во практиката?
– Клучната карактеристика на брзата мода е што глобализацијата овозможи да се произведува облека по сè пониски цени, некогаш толку ниски што многу потрошувачи ја сметаат за еднократна употреба или нешто што бргу ќе го сменат со ново. Одржливата мода, која некои ја нарекуваат и екомода, е дел од реалната филозофија и желбата трендот на одржливост да расте и со тоа да се намали загадувањето на животната средина. Всушност, екомодата е сето она што брзата не е и има тенденција, пред сѐ, да ја заштити животната средина.

Што ве мотивираше да ѝ ставите акцент на екомодата, кон кои идеали се стремите?
– Уште во 2007 година во Европската Унија надлежните побараа производителите и увозниците на текстил и облека воопшто, да ги идентификуваат и квантифицираат хемикалиите што се користат во нивните производи. Во годините подоцна направени се најразлични иницијативи што даваат резултат. Постојат организации што се во потрага по материјали, кои отсекогаш биле сметани за отпад и наоѓаат начин од нив да се направи нова облека. Исто така во европските земји се во подем брендови и продавници што пропагираат изнајмување облека наместо купување, а продавниците со облека за втора употреба се сѐ поприсутни во балканските земји и кај нас. Сакаме да поттикнеме и македонските брендови да бидат еколошки освестени, а купувачите да ги вреднуваат парчињата што ги купуваат и да не ги менуваат толку лесно. Последиците од загадувањето ги чувствуваме сѐ посилно на различни нивоа.

Марија Илиќ

Како се создава одржлив моден дизајн од текстилен отпад?
– Во однос на техниките за создавање нови креации, најсоодветен за одговор би бил дизајнер што ги применува, кај нас тоа е Ирина Тошева, која ги менторираше пријавените учесници на проектот „Модата како дел од екосистемот. Одржлива приказна“. Возбудени сме што ќе имаме чест младите дизајнери да добијат лекции, совети и да работат со една од најдобрите британските стилистки, Ребека Рој, и со талентираната дизајнерка Ана Скодбо, кои подолго време се занимаваат со оваа проблематика. Со самото тоа што од користени прачиња текстил правите нова креација, микс од неспоиви парчиња во едно, добивате непрекинат круг на користење на текстилот и нешто што е апсолутно носливо, а не ја загадувате околината непотребно.

Се обидувате преку модата да внесете позитивни промени на планетата и да ја издигнете еколошката свест, да му дадете нов живот на текстилниот отпад, колку реално се постигнува оваа тенденција?
– Главната одговорност на модните компании е очигледно да ги променат своите производствени, дистрибутивни и маркетинг-практики и стратегии кон поголема одржливост. Но компаниите исто така имаат можност да придонесат кон создавање поодржливи модели на потрошувачка. Голем број компании подолго време се фокусираат главно на создавање мода, која е со висок квалитет и безвремен дизајн, односно со долготраен стил и издржливост. Производство на облека со сертификати и етикети што ја штитат животната средина е уште една стратегија за промовирање повеќе свесни потрошувачки модели. Со оглед на тоа што имавме огромна поддршка од Министерството за економија на РМ, поддршка од Министерството за култура, во рамките на манифестацијата „Нов културен бран 2018“, Британскиот совет и нашите партнери „Текстилното трговско здружение – Текстилен кластер – Македонија“ и неколку фабрики, веруваме дека сме на добар пат и дека сѐ повеќе ќе има вакви и слични иницијативи.

Екомодата секој ден е сѐ популарна, што треба да се направи таа да заземе подоминантно место во индустријата?
– Екомодата не е само тренд туку и иднина. Терминот одржлива мода се однесува на производство на облека, обувки и додатоци на еколошки и социоекономски одржливи манири, но исто така и поодржливи модели на потрошувачка и употреба, кои бараат промена во индивидуалните ставови и однесување. Сепак од големо значење е потрошувачите да ги ценат човечкиот труд, животната средина и да консумираат посовесно.

Каква е вашата перцепција за иднината на екомодата кај нас и на глобално ниво?
– Целта на одржливата мода е да се зголеми вредноста на локалното производство и на производите, да се продолжи животниот циклус на материјалите, да се зголеми вредноста на безвремени облеки, да се намали количеството отпад и штетата врз животната средина.
Исто така целта е и да се едуцираат луѓето да практикуваат еколошка потрошувачка. Модната индустрија има јасна можност да дејствува поинаку, да има профит и раст, но истовремено да создава нова вредност за општеството и за економијата.
Сметам дека ова е можно доколку итно се постават еколошки, социјални и етички подобрувања на агендата на менаџментот на текстилните компании.