Американската филмска академија, која ги доделува престижните „оскари“, објави групна фотографија од сите номинирани за годинашните филмски награди. Меѓу стотината холивудски ѕвезди и славни имиња од светската филмска индустрија на фотографијата се наоѓа и дел од екипата на „Медена земја“, македонскиот филм во трка за наградата во две категории – најдобар странски филм и најдобар документарец.

На фотографијата можат да се забележат режисерите Тамара Котеска, која се наоѓа некаде во средината на фотографијата, веднаш до Леонардо ди Каприо и Роберт де Ниро, и Љубомир Стефанов, кој заедно со кинематограферот Фејми Даут се наоѓа на десниот крај на фотографијата.
Церемонијата за доделување на наградите ќе се одржи на 10 февруари. „Медена земја“ стана прв документарен филм во историјата на „оскарите“, кој ќе се натпреварува во две категории.