Јапонската подморница „Сориу“ се судрила со комерцијален брод, кога се обидела да излезе на површина во близина на пацифичкиот брег. Тројца од екипажот на подморницата се здобиле со полесни повреди во несреќата што се случила во понеделникот, соопштиле јапонските владини претставници, а пренесоа светските медиуми.

Подморницата „Сориу“ претрпела оштетување на јарболот на антената заедно со комуникациската опрема што го принудило екипажот да користи мобилен телефон за да го пријави инцидентот.

Јапонскиот министер за одбрана Нобуо Киши изјавил дека судирот крај префектурата Кочи е „крајно разочарувачки“. Киши објаснил дека поморницата „Сориу“ била на обука кога се случил инцидентот. Подморницата го видела бродот преку неговиот перископ, но не била во можност да се придвижи на време.

Станува збор за дизел-електрична подморница која е во функција од 2009 година. Таа е долга 84 метри и била во состојба да продолжи со пловење, бидејќи штетата не била голема, соопштиле јапонски официјални лица.

Бредли Мартин, поранешен капетан на американската морнарица, ги оспори тврдењата.

– Не би ја нарекол штетата мала. Подморницата не може да нурка и не може да комуницира – изјавил Мартин за „Си-ен-ен“.

Комерцијалниот брод не бил оштетен во инцидентот и не почувствувал никакво влијание од судирот, соопшти Катсунобу Като, шеф на кабинетот на јапонскиот премиер.

Не се знае многу за бродот, но локалните извештаи велат дека тој бил регистриран во Хонгконг. Покрената е истрага за судирот.