Ед Ширан, еден од најпопуларните пејачи во светот, во средата го прослави својот 30-ти роденден и ја искористи објавата на Инстаграм за да ги открие плановите за годинава.
Тој им соопшти на своите следaчи на социјалната мрежа дека годинава планира да издаде четврти дел од серијата, за која се шпекулира дека е референца на насловите на неговите албуми со математичка тематика, откако претходно ги објави плочите „Plus“, „Multiply“ и „ Divide“.
Покрај фотографијата од неговата роденденска торта и друга на која се гледа дете облечено како пират, тој напиша: „Денеска 30. Ви благодарам за сите ваши прекрасни пораки, се чувствувам многу сакано. Во моментот облечен исто како и на третиот роденден. Наскоро ќе се вратам онлајн со четвртото продолжение на серијата“.
Иако пејачот на мегахитот „Shape of You“ не даде повеќе детали, се смета дека неговиот нареден албум може да го следи истиот формат и да има наслов „Minus“ или „Subtract“.