На климатските промени и концентрацијата на гасови со ефект на стаклена градина во атмосферата значајно влијае прехранбената индустрија. Тоа придонесува за зголемување на емисијата на гасови со ефект на стаклена градина, уништување на шумите и за намалувањето на водостојот, а сето тоа има негативни последици врз животната средина.
Низ историјата, најголемиот дел од површината на планетата бил покриен со дивина, а шумите и тревниците преовладувале во пејзажот. Во последните неколку века ова е драстично сменето, така што големи површини се преработени и претворени во земјоделско земјиште, што е едно од најзначајните влијанија на човештвото врз животната средина. Уште поневеројатно е влијанието на храната што завршува како отпад. Храната се произведува и преработува во повеќе од 570 милиони фарми, во кои учествуваат уште поголем број земјоделци и посредници од целиот свет, а дел од тој процес е значителна потрошувачка на енергија. Производството на храна е одговорно за повеќе од една четвртина, дури 26 проценти од глобалната емисијата на гасови со ефект на стаклена градина. Тоа можеби звучи како исклучително висок процент, но имајќи предвид дека е во прашање основната потреба на секој човек, овој факт може да се разбере. Од вкупните емисии од прехранбената индустрија: 18 отсто се генерираат во синџирот на снабдување, 31 од сточарството и одгледувањето риби, 27 се последица од одгледувањето различни култури за исхрана на луѓе и добиток, 24 отсто се должат на употребата на земјиштето.Четвртина од преработените намирници завршуваат како отпад. Сепак, она што е многу потешко да се разбере е количеството храна што никогаш не се јаде.

За да може да се произведува храна, треба да се потрошат многу ресурси. Потребни се земјиште, вода, ѓубриво, а за време на производствениот процес има голема потрошувачка на енергија. Сепак, се проценува дека приближно една четвртина од произведената храна никогаш не се јаде. Поголемиот дел е фрлен, оштетен или расипан во синџирот на снабдување, дури и пред да стигне до потрошувачот. Фрлањето и расипувањето на храната е голем проблем, меѓу другото, бидејќи емисијата на гасови со ефект на стаклена градина од отпадот од храна значително придонесува за климатските промени.
Отпадот од храна е заслужен за 6 отсто од светската емисија на гасови.
Џозеф Пури, истражувач од универзитетот во „Оксфорд“, и Томас Немечек од истражувачкиот сектор за земјоделство и животна средина во Цирих, во нивната глобална анализа на прехранбениот систем објавена во списанието „Сајанс“, ги оценуваат ефектите на производството, пакувањето и дистрибуцијата на храна врз емисиите на стакленички гасови. Со истражувањето се покажува дека отпадот од храна е одговорен за дури шест проценти од вкупното ниво на емисијата на гасови со ефект на стаклена градина во светот.

Отпадот се генерира во сите фази на синџирот на снабдување, почнувајќи од бербата, производството и преработката, преку трговијата, дистрибуцијата и на крајот потрошувачката. Европската комисија проценува дека околу 90 милиони тони храна годишно (или 180 килограми по лице) се фрлаат само во Европската Унија, иако голем дел од тоа сѐ уште може да се јаде.
Нивото на гасови со ефект на стаклена градина генерирани од отпад од храна е скоро трипати поголемо од глобалната емисија на гасови од воздухопловството.