Повеќе од една третина од младите возрасни лица покажуваат симптоми на зависност од паметните телефони, без оглед колку време поминуваат на овие уреди дневно. Зависноста од мобилен телефон не е официјално признаена како клиничка дијагноза, но симптомите се идентификувани.
Истражувањето на лондонскиот Кралски колеџ покажуваат дека 39 проценти од луѓето на возраст меѓу 18 и 30 години покажуваат симптоми како што се губење на контролата над времето поминато на паметниот телефон, вознемиреност кога им е недостапен и занемарување на другите аспекти на животот.
Според резултатите од студијата, приближно една четвртина од оние што покажале знаци на зависност користеле паметен телефон повеќе од три часа на ден, и дополнителни 19 отсто повеќе од пет часа на ден.
Повеќе од две третини (69 проценти), исто така, рекле дека слабо спијат, без разлика колку време поминуваат гледајќи во своите мобилни телефони.

– Паметните телефони станаа составен дел од нашите животи и оваа студија е важен чекор во разгледувањето на ефектите од нивната дисфункционална употреба и нарушувања на спиењето – изјави водечката авторка на студијата Саманта Сон од Одделот за психологија, психијатрија и неврологија на Кралскиот колеџ.
Во студијата учествувале 1.043 лица, а 406 од нив ги исполниле критериумите за „дијагноза“ на зависност од паметни телефони.
Интересно е што студијата открива дека времето поминато на паметниот телефон не е клучно за проблемот со зависноста и слабиот сон.
– Се покажа дека елементите на зависност во однесувањето ја предвидуваат штетата поврзана со прекумерната употреба на паметни телефони подобро од самата должина на употреба – вели Сон.