Малдивите се исклучително популарна туристичка дестинација, составена од 1.200 мали острови и одморалиштата на нив се претежно приватни. На секој остров има по едно одморалиште, а некои од нив може да ги задоволат потребите и на крајно пребирливите посетители.
Едно такво одморалиште е Волдорф Асторија Итафуши, кое беше отворено неодамна. Се простира на над 32.000 квадратни метри и како такво е најголемото одморалиште, приватен остров на Малдиви. Една вечер на овој остров може да чини и до 80.000 долари.
Наменето е да се сместат 24 гости во три објекти. Тоа се вили со базени и директен пристап до плажа. Архитектурата на просторот е опишана како духовита и истовремено модерна, шарм на кој не може да му се одолее. Секој гостин има свој личен тим од луѓе што го служат, пишува „Би-би-си“.
– Просторот е дизајниран да ги задоволи најпребирливите посетители. Островот е одраз на ексклузивност и се наоѓа на едно од најинспиративните места во светот. Посветен тим ги обезбедува сите услуги – вели Нилс-Арн Шредер од компанијата „Волдорф Асторија“.

Овој остров е лесно достапен од меѓународниот аеродром во главниот град Мале. Гостите со возење, кое трае 40 минути, може да стигнат и до една од шесте јахти-одморалишта. За оние што сакаат да уживаат во неверојатниот поглед, достапен е хидроавион, на кој му требаат 15 минути да лета до островот.
Кога станува збор за исхраната, гостите имаат на располагање кулинарски тим што може да приготвува храна според различни желби. Се разбира, можно е да уживате во спортови на вода, нуркање и јахти. Третманите во велнес-центарот исто така се приспособливи на потребите на посетителите. Тука е и просторот за медитација и јога, како и посебен детски базен и игралиште.

Малдивите се повторно отворени за туристи од целиот свет од 15 јули минатата година. Повеќето од нив не мора да одат во карантин по пристигнувањето, но мора да биде презентиран негативен ПЦР-тест за ковид-19, направен не подоцна од 96 часа пред поаѓањето. Во него мора јасно да се наведат името и адресата на лабораторијата, како и датумот на земање на примерокот. Меѓутоа, и Малдивите се сериозно погодени од пандемијата на коронавирусот, исто како и повеќето земји што се потпираат на туризмот. Во изјавата минатиот мај, министерот за туризам Али Вахид го опиша влијанието на пандемијата како поразорно од цунамито во 2004 година и рецесијата во 2008 година.