Во организација на здружението за супкултура „Џез-фестивал“, на 26, 27, 28 и 29 август, во центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе биде одржано десеттото, јубилејно издание на „Прилеп џез-викенд“.

Фестивалот ќе го отворат членовите на „Кантон 6“, пионерски кросовер музички проект, кој датира од 2000 година и е интелектуален проект на театарскиот режисер Синиша Евтимов (синтисајзер, гитара) и композиторот, продуцент, диџеј и музичар Мирко Попов (машина, вокали). Групата има издадено три албуми, а последен е „Џезус“, во кој на членовите на бендот им се приклучи и извонредниот класичен и џез-тромбонист, лидер на легендарниот „Сетстат“, Владан Дробицки.

Првата фестивалска вечер ќе ја затворат „Летачки пекинезери“, бенд што повеќепати настапувал во Прилеп. Членови на бендот се: Бојан Петков (гитара), Иво Солдатовиќ (кларинет), Петар Христов (тенорски саксофон), Кирил Туфекчиевски (контрабас), Славчо Коцев (тапани). Втората вечер ќе ја отвори „Такси конзилиум“, а вториот дел од вечерта е резервиран за гитаристот Тони Китановски и бендот „Панда 5“. Третиот ден на фестивалот нуди многу интересна програма. На почетокот ќе имаме можност да ја слушнеме „Трибјут ту џез месинџерс“, група составена од врвни македонски џез-инструменталисти: Трајче Велков – труба, Кирил Кузманов – алт саксофон, Сашко Николовски – тромбон, Андреа Мирчевска – контрабас, Гордан Спасовски – пијано, Зоран Костадиновски – гитара и Виктор Филиповски – тапани. Џез-викендот ќе го затвори составот на врвни музичари „Сајуга квартет“ вс Јуре Пукл, саксофонистот што живее и работи во Њујорк. Членови на квартетот се и: Васил Хаџиманов, Оливер Јосифовски, Александар Петров.

Ова година „Прилеп џез-викенд“ може да се пофали и со оф-програма.
На 29 август, на локалитетот Врбјанска Чука (кај селото Славеј), ќе го проследиме перформансот „Љубојна амбиенс“, посветен на музиката како амбиентален простор што нѐ опкружува и нејзиниот одзвук како постојана звучна состојба.