Европскиот суд на правдата го поддржа ставот на култниот германски електробенд „Крафтверк“, дека неовластената употреба на делови од песни или, семплинг, дури и ако станува збор за неколку секунди, ги нарушува авторските права, доколку сегментот е препознатлив.

– Земањето делови на песни без одобрение може да доведе до нарушување на авторските права. Меѓутоа, употребата на звучниот примерок земен на изменет начин и непрепознатлив за слушателите не ги нарушува тие права, дури и ако тоа е направено без одобрение – се наведува во соопштението на Европскиот суд на правдата.

Семплингот или употребата на одредени делови на песни е техника што се користи во рапот и во електронската музика. Овие делови се ставаат во други песни, понекогаш со одредени измени.