Европската вселенска агенција (ЕСА) се обидува да создаде т.н. „лунарен бетон“ со цел за градба на Месечината, за што би можела да се послужи со веќе достапни материјали, пренесува „Асошиејтед прес“.

Агенцијата вели дека користењето на материјали достапни на Месечината за иградба на лунарна база или други конструкции ќе ја намалат потребата на носење материјали од Земјата.

Главната состојка во „лунарниот бетон“ би била прашкаста почва што се наоѓа на површината на Месечината позната како лунарен реголит. А ЕСА вчера соопшти дека човечката урина би можела да стане корисна состојка за правење бетон со цел за градење на Месечината. Агенцијата посочи дека истражувачите во една неодамнешна студија која ја спонзорирала, откриле дека уреата, главното органско соединение во урината, ќе ја направи смесата за „лунарен бетон“ полесна за обработка пред да се зацврсти во финалната форма. ЕСА истакна дека уреата, која може да ги раскине водородните врски и да ја намали вискозноста на течните мешавини, ќе го ограничи количеството на вода потребна во рецептот.

– Благодарение на идните жители на Месечината, 1,5 литар од течниот отпад што човек го создава секојдневно, би можел да стане ветувачки нуспроизвод за истражување на вселената – се вели во соопштението на ЕСА.

На Земјата, уреата се користи како индустриско ѓубриво и суровина во хемиски и медицински компании.

– Се надеваме дека урината на астронаутите би можела да се користи во идната лунарна база, со мали мали прилагодувања на содржината на вода. Ова е многу практично и се избегнува потребата за дополнително комплицирање на софистицираните системи за рециклирање на водата во вселената – пишува Марлис Арнхоф, коавторката на студијата, во изјавата за ЕСА.