Европскиот парламент ја изгласа забраната за користење муниција за лов со олово во близината на сите водни површини во Европската Унија. Во рок од 24 месеци муницијата и мамките што се користат во и близу водните површини мора да бидат без олово поради прекумерното загадување на животната средина.
– Оловото се користи во муницијата за лов и во мамките за риболов со децении и покрај тоа што се знае ужасното влијание што го има врз луѓето, живиот свет и природата. Оловните полнења што многумина ги користат како муниција содржат голем број мали зрна што се распрскуваат од пушката. Само мал дел од зрната всушност стигнуваат до целта, а остатокот се распрскува низ природата. Пресметано е дека околу 21-27.000 тони олово од лов и риболов се распрскуваат низ Европската Унија на годишно ниво.

Премногу често овие оловни куршуми завршуваат во водните птици што ги голтаат – информираат од Македонското еколошко друштво. Европската агенција за хемикалии пресмета дека повеќе од еден милион птици годишно умираат од последици од труење со олово. Огромна штета им се нанесува и на природата и другите животни што се повредени со оловни сачми или консумирале плен затруен од оловни сачми.
– Охрабрувачки е да се види дека европските пратеници не паднаа во замката на погрешни информации што беше поставена за ова прашање. Сите знаеме дека оловото е токсично. Откако сите земји ќе дадат одобрение, ЕУ конечно може да го отстрани оловото од водните површини и да спаси милиони животни од бавна и болна смрт. Се надевам дека ова е чекорот што беше потребен кон конечното целосно забранување на муницијата со олово – изјавува Ариел Брунер од „Бирд лајф Европа“.
Македонското еколошко друштво е полноправен член на „Бирд лајф интернешнал“.