По повеќегодишните претпоставки и нагаѓања, дополнети со изјави на анонимни извори, конечно и официјално е соопштено дека најпопуларниот музички фестивал во Европа, „Евровизија“, ќе стигне и во Соединетите Американски Држави.
Американскиот музички натпревар ќе биде одржан следната година, најверојатно за време на новогодишните и божиќните празници.
Правилата ќе бидат слични на постојните, евровизиски изведувачи од цела Америка ќе се натпреваруваат во полуфинални емисии, како претставници на својата сојузна држава. Само да потсетиме во САД има 50 држави.
Ќе има од 5 до 10 полуфинални емисии, а победниците ќе се натпреваруваат во големото финале.

Продуцентите на американската „Евровизија“ најавија дека ова ќе биде нешто што публиката во САД досега немала можност да го види.
– Време е Америка да види што е вистински спектакл. Љубовта кон музиката е универзална и славењето на различните жанрови и стилови ги поместува границите и ги обединува луѓето – изјави извршниот супервизор на европската „Евровизија“, Мартин Остердал.