ЕБУ ја прогласи седмицата од 10 до 16 мај за „Недела на Евровизија“, охрабрувајќи ги радиостаниците низ цела Европа да ги емитуваат песните на годинашните учесници, но и мелодиите од богатата евровизиска музичка историја

По откажувањето на натпреварот за избор на „Песна на Евровизија“ за 2020 година, Европската радиодифузна унија (ЕБУ) и нејзините холандски членови НПО, НОС и АВРОТРОС потврдија дека подготвуваат ново шоу, „Евровизија: заблескај Европо“, кое ќе се емитува наместо големото евровизиско финале во сабота, на 16 мај, со почеток во 21 часот. Сите 41 учесник ќе бидат дел до спектаклот, а фестивалот, кој ќе има само телевизиска публика, нема да биде од натпреварувачки карактер. Ќе има и многу изненадувања за обожавателите и гледачите, кои ова шоу ќе го следат од своите домови.
Домаќини водители на шоуто ќе бидат холандските презентери, кои требаше да го водат фестивалот: Шантал Јанзен, Едсилија Ромбли („Евровизија“ 1998 и 2007 година) и Јан Смит.

Според организаторите, целта на одржувањето на ова гала-шоу е да ги зближи пејачите, авторите и музичарите што требаше да настапат на овој престижен фестивал. Тие ќе се јават од главните градови на своите држави, ќе ги слушнеме нивните песни, а минатогодишната евровизиска песна „Arcade“ во изведба на Данкан Лоренс, која ѝ донесе победа на Холандија, ќе биде испеана со друг текст, со обединувачки стихови, соодветни за моменталната состојба во која се наоѓа целиот свет, поради пандемијата на коронавирусот. Познати евровизиски учесници и победници, исто така, ќе бидат дел од ова музичко поврзување на Европа, со изведба на своите хитови на интересни локации.

Според најавите, шоуто што ќе се емитува во живо ќе трае околу два часа, а повеќе детали за поставеноста и списокот на радиодифузерите што ќе го емитуваат ќе бидат откриени во наредните недели. Шоуто ќе се емитува и на официјалниот евровизиски канал на Јутјуб.
И холандската интернет-ѕвезда Ники Туториалс, исто така, ќе создаде онлајн-содржина за овој специјален пренос.
Џон Ола Санд, извршен супервизор на натпреварот, од името на ЕБУ изјави дека многу жали што нема да има евровизиски натпревар годинава, но фестивалот повторно ќе ја испрати својата порака.

– Имаме намера да ја обединиме Европа на 16 мај со уникатна програма, охрабрувајќи ги сите радиодифузери, кои требаше да учествуваат на годинашниот натпревар за „Песна на Евровизија“ и членови на ЕБУ во други земји, да ја емитуваат оваа претстава во духот на единството и заедништвото на Европа. Влијанието на епидемијата на коронавирусот и мерките преземени за негово спречување резултираа со откажување на „Евровизија 2020“, првпат во историјата на овој фестивал – изјави Ола Санд.
Сиетс Бакер, извршен продуцент на откажаниот фестивал, кој требаше да се одржи по јубилеен 65. пат, вели дека намера на творците на шоуто е да направат претстава, во чиј фокус ќе бидат сите годинашни учесници – вкупно 41, кои, за жал, нема целосно да ја почувствуваат евровизиската магија во Ротердам, Холандија.
– Сакаме сите што ќе нѐ гледаат од своите домови да почувствуваат дека се поврзуваат со луѓето од цела Европа и пошироко во овие тешки времиња. Нашата богата програма е наменета за оние што се погодени од коронавирусот и за оние што толку напорно работат и се борат против неговото ширење. Ајде сите да бидеме дел од еден незаборавен момент во историјата на „Евровизија“! – апелира Сиетс Бакер.

ЕБУ ја прогласи седмицата од 10 до 16 мај за „Недела на Евровизија“, охрабрувајќи ги радиостаниците на ЕБУ низ цела Европа да ги емитуваат песните на годинашните учесници, но и мелодиите од богатата евровизиска музичка историја. Од МРТ, носител на лиценцата за овој избор, велат дека од ЕБУ им најавиле дека наскоро ќе ги добијат сите детали поврзано со шоуто што ќе се случи на 16 мај. Васил Гарванлиев требаше на 16 мај да нѐ претставува на „Евровизија 2020“, а тој е едeн од ретките што сними и интересна евровизиска разгледница, како и спот за својата песна „Yоу“.