Најголемата музичка манифестација во земјава под ведро небо, „Д фестивал“, поради пандемијата на коронавирусот е одложена за август.

– „Д фестивал“ ќе се одржи од 21 до 23 август во Градскиот парк во Дојран, а посетителите како и досега ќе бидат сместени во омилениот „Д камп“. Во соработка и координација со нашите пријатели од Србија, фестивалот ќе се одржи една недела по „Егзит“ – велат организаторите.

Веќе десетта година едноподруго „Д фестивал“ претставува специфично музичко доживување, кое привлекува над 30.000 посетители за само три дена. Низ годините, со многу работа и напор, Дојран стана центар на музичките случувања, како и станица на голем број светски познати изведувачи како: Ману Чао, Вилкинсон, Роџер Санчес, „Тој долс“, „Рудиментал“, Пол ван Дајк, Севдализа, „Офенбах“, Том Нови, Махмут Орхан и многу други светски познати изведувачи.

– Апелираме до сите што веќе набавиле влезница дека со задржување на набавениот билет ги поддржуваат фестивалот и музичката индустрија, а за возврат добиваат можност со него да присуствуваат на двете изданија на „Д фестивал“ – во 2020 и во 2021 година. Доколку не сте во можност да присуствувате на годинашното издание, билетот може да го задржите за 2021 година, а наскоро ќе бидат на располагање и различни решенија за поврат на средствата.

Сакајќи да придонесеме кон наоѓање решение на моменталната кризна ситуација, заедно со колегите од преостанатите продукции, се соединивме во новото здружение на културни промотори. Според насоките од СЗО, кои предложија враќање на фестивалите во светски рамки, изработивме и детален предлог-протокол, поттикнати од позитивното искуство на соседните и европските земји, кој го доставуваме до надлежните институции – порачуваат организаторите на „Д фестивал“. М.Т.