Сигурно веќе сте ги виделе многубројните духовити фотомонтажи (мемиња) на американскиот сенатор Берни Сандерс, во кафена јакна и волнени ракавици, на неодамнешната инаугурација на американскиот претседател Џо Бајден. Токму тие духовити фотомонтажи помогнаа да се соберат 1,8 милион долари во последните неколку дена за разни добротворни организации во Сандерсовата сојузна американска држава Вермонт, објави порталот „Тудеј.ком“.
– Бев вчудовиден од креативноста што ја покажаа луѓето и драго ми е што можам да ја искористам таа интернет-слава за помош на граѓаните на Вермонт – изјави независниот сенатор Берни Сандерс.
Износот е собран со продажба на разновидна стока со ликот на Сандерс, кој на 20 јануари незаинтересирано седел на стол, со прекрстени раце и нозе, облечен во кафена јакна и со рециклирани волнени ракавици на рацете.
– Ќе сторам сѐ што можам во Вашингтон за да добијат луѓето во Вермонт некои олеснувања, кои им се неопходни во најлошата криза што ја имаме уште од времето на големата депресија – изјавил тој.

Неговиот имиџ на инаугурацијата поттикна многу инвентивни духовити фотомонтажи, па, така, бившиот претседателски кандидат го има насекаде, во железничка станица, во музеј, во филмови, на концерти, со ѕвездите на серијата „Пријатели“, па дури и на Месечината. Сандерсовите ракавици ги изработила Јен Елис, учителка во основното училиште во Вермонт, која има фабрика за изработка на ракавици од рециклирана волна. А неговата јакна е од марката „Бартон Сноубордс“. Организациите што ќе добијат дел од собраните средства се: Здружението за заштита на животните, агенции што им помагаат на стари лица, организации за подобра стоматолошка заштита. Куклата од волна со неговиот лик е многу популарна и барана, а во негово име компанијата што ги изработува јакните им подарила 50 парчиња на социјално загрозени лица. „Гет имиџис“ потврди дека ќе го донира целиот приход од договорот за лиценцирање, за да може фотографијата да биде отпечатена на разни предмети, а со тоа да ѝ се помогне на организацијата „Оброци на тркала во Америка“.