Околу третина од сите видови дрвја на светот се под закана од уништување, покажува извештајот објавен деновиве, кој предупредува дека климатските промени можат да загрозат цели шумски екосистеми. Студијата за „Состојбата на дрвјата во светот“ ја координираа „Ботаникал гарденс конзервејшн интернешенел“, која ги опфаќа ботаничките градини, и стручњаците на Меѓународната унија за зачувување на природата. Студијата е направена за 58.497 вида дрвја. Заклучено е дека 30 отсто (17.500) се под закана од изумирање, а уште 7 отсто се под можна закана. Дури и распространетите дрвја, како што е магнолијата, спаѓаат во загрозените видови, а не се поштедени ниту дабот, јаворот и абоносот. Недостигаат податоци за процената на 21 процент видови, а нешто повеќе од 40 отсто се смета дека не се во опасност.

Експлоатацијата на шумите и нивната сеча за да се направи простор за земјоделството или за одгледување добиток се најголема закана за дрвјата.
Се смета дека вкупно 142 вида веќе се исчезнати, 440 се на пат да исчезнат, а 50 вида дрвја постојат во дива состојба во светот.

– Голем број видови се на работ на исчезнување, некои имаат само по еден жив примерок – рече Жан-Кристоф Вие, генерален директор на фондацијата „Франклинија“, со седиште во Швајцарија.
Тој посочи дека и натаму е шокантно нивото на отстранети шуми, иако дрвјата имаат витална улога во природата, дом се на голем број растителни и животински видови, апсорбираат јаглерод диоксид и даваат состојки за некои лекови. Бразил, кој поседува поголем дел од амазонските тропски шуми, има најмногу видови дрвја на светот (8.847), но и најмногу загрозени видови (1.788), како последица на интензивното земјоделство. Но пропорционално, најголем број загрозени видови има во тропските области на Африка, особено на Мадагаскар и на Маврициус, каде што има 99, односно 57 отсто видови во опасност. На Мадагаскар, татковината на баобабот, кој може да живее 2.000 години, тој не е заштитен од пожар.

– Видовите на дрвјата што еволуирале во текот на милиони години се приспособуваат на климатските промени, но не можат да ги преживеат човечките закани, кои ги има сѐ повеќе – предупреди Жан-Кристоф Вие.