Популарната британска пејачка Дуа Липа ќе настапи на 26 мај на стадионот во Киев пред почетокот на финалниот натпревар од Лига на шампионите меѓу Реал Мадрид и Ливерпул.

– Почестена сум што ме повикаа, тоа е можност што се добива еднаш во животот. Среќна сум што ќе бидам дел од тој спектакл, планирам да направам неверојатно шоу – изјави 22-годишната пејачка.

Дуа Липа е родена во Лондон и има албанско потекло, а нејзиното семејство во 90-тите години се преселило од Косово.

Изминативе години меѓу познатите музички имиња кои настапија на финалето на Лигата на шампионите се групата Блек ај пис и пејачката Алиша Кис.

УЕФА вчера соопшти дека финалето ќе го суди српскиот арбитер Милорад Мажиќ.