Тамара Стојковска на домашната музичка јавност ѝ ја претстави својата прва песна „Друга ѕвезда“. Музиката и аранжманот се на Давор Нечак, текстот е на Јосип Коцев, а видеото е дело на Агон Исмајли и Зубер Красниќи.

– Неизмерно сум среќна што можам да ја споделам ,,Друга ѕвезда“ со сите вас. Упатувам голема благодарност до целиот тим со кој со многу љубов работевме изминатите месеци, како и до сите прекрасни луѓе што помогнаа да ја оствариме идејата – вели младата пејачка.

Тамара има 22 години и ги завршува студиите на Факултетот за музичка уметност во Скопје на отсекот музичка теорија и педагогија. Со пеење се занимава од 7-годишна возраст, а нејзина љубов, освен пеењето, е и глумата. Таа членува во театарот „Дел арте“ во Битола. Покрај работата како самостоен изведувач, Тамара е член на бендот „Страна Б“ со кој е дел од клупската сцена низ Македонија, и е дел од професионалниот хор ,,Про арс“. Ова е нејзина прва песна, а претходно имаше неколку преработки на познати рефрени.