Давид Ристевски, основачот на брендот „Дридпен“, неодамна ја лансира својата нова продажна колекција „Дридпен самар 2018“. Новата колекција вели дека е обоена во розово, позитивно, храбро, шаренолико и секојдневно. Брендот, чиј заштитен знак се шарените чудовишта, се размножува повеќе од три години. Секое негово дело, секоја илустрација носи со себе своја приказна, а со тоа и своја порака.
– Нешто повеќе од три години се размножуваат „чудовиштата“ дридпен и прават позитивен пакос низ градот. А она што ги разгорува имагинацијата и инспирацијата е љубопитноста и гледањето на работите од друга перспектива. Сѐ ова е потпомогнато со гледање цртани, читање стрипови, шпартање низ улички – вели Давид.
Изминатиов период тој ѝ дава поинаква димензија на уличната уметност. Реши да ги обои малите трансформатори за електрична енергија низ градот. Па често низ скопските улици може да се забележат слатки, смешни, колоритни ликови, дополнети со двојна доза оригиналност.

– Сѐ почна од шетање и возење велосипед низ градот. На секое ќоше има празни трансформатори, исчкртани или излепени со плакати и постери. Идејата се роди спонтано, или на некој начин некое од чудовиштата во главата сакаше едноставно да излезе. И не излезе само едно – вели тој.
Неговата порака со обоените трансформатори е да рашири позитивна енергија и да ги насмее минувачите.
– Во мојата глава чудовиштата не се страшни и злобни, иако зборот сам по себе асоцира на нешто страшно. Јас мислам на забавни, интересни, смешни, радосни. Паралелната страна на чудовиштата, дека самите тие можат да насмеат и да го разубават денот и да нѐ оттргнат за момент од сивилото – додава Давид.