Стереотипи на Олимписките игри

Преносот на церемонијата на отворањето на Олимписките игри на малите екрани е начин некои гледачи да дознаат повеќе за земјите и спортистите што ги претставуваат, со кои тие се помалку запознаени. Но обидот на јужнокорејскиот радиодифузер „Ем-би-си“ да го надмине тој јаз во знаењето спектакуларно пропадна, користејќи слики и описи со навредливи стереотипи за да отслика неколку земји.
Кога спортистите од Хаити излегоа на стадионот, во натписот објавен од јужнокорејската мрежа стоеше: „Политичката ситуација е нестабилна со атентатот врз претседателот“. Кога влегоа сириските атлетичари, „Ем-би-си“ емитуваше натпис: „Богати подземни ресурси; граѓанска војна што трае веќе 10 години“. Друг наслов на „Ем-би-си“ ги опиша Маршалските Острови како „некогаш место за нуклеарно тестирање на САД“. А кога украинските атлетичари влегоа на парадата, „Ем-би-си“ покажа слика за катастрофата во Чернобил – најголемата нуклеарна несреќа на светот.
Кога се претставуваше Италија, радиодифузерот прикажа слика на пица. За Норвешка беше прикажано филе од лосос. Слика на Дракула беше искористена за тимот на Романија. А за тимот на Ел Салвадор, земја каде што биткоинот е законско платежно средство, беше прикажана слика што ја претставува криптовалутата. Откако гафот на радиодифузерот доведе до лавина критики на социјалните мрежи, „Ем-би-си“ објави официјално извинување до засегнатите земји и нивните гледачи.

– Сликите и натписите имаа цел да им олеснат на гледачите брзо да ги разберат земјите што дефилираа за време на церемонијата на отворањето. Меѓутоа, признаваме дека имаше недостиг од разгледување за засегнатите земји, а инспекцијата не беше доволно темелна. Тоа е непростлива грешка – беше наведено во соопштението. „Ем-би-си“ не е единствениот радиодифузер што се најде на удар на критиките за известувањата за игрите.
Кинескиот генерален конзулат во Њујорк ја критикуваше американската мрежа „Ен-би-си“ за користењето „нецелосна мапа на Кина“ при емитување на влезот на кинеската делегација на церемонијата на отворање на Олимписките игри во Токио. Во изјавата објавена на социјалните мрежи, портпаролот на конзулатот рече дека мапата создава многу лошо влијание и им штети на достоинството и емоциите на кинескиот народ и ја повика „Ен-би-си“ да ја препознае сериозноста на овој проблем.
– Генералниот конзулат во Њујорк би сакал да посочи дека мапата е израз на национална територија, која ги симболизира националниот суверенитет и територијалниот интегритет. Обидите да се користат Олимписките игри за политички „трикови“ и самопромоција за да се постигнат задни намери никогаш нема да успее – стои во соопштението.