Проблемот со пластиката е што досегашната стратегија за собирање и за рециклирање не дава позитивни резултати

Можеме да ѝ помогнеме на планетата Земја доколку ја намалиме употребата на пластика за еднократна употреба, доколку не користиме ќеси, цевчиња, пластични шишиња, пластичен прибор за јадење.

Од почетокот на 20 век почна да се воведува пластиката во масовното производство. На Земјата се произведени околу 8.300 милиони тони пластика и од година на година производството сè повеќе се зголемува. Според податоците собрани од реномираниот магазин „Њу саентист“, само во 2016 година во светот се произведени вкупно 280 милиони тони пластика.

Во производството на пластика убедливо води Кина со 29 проценти, потоа Европа со 19 отсто, Америка, Канада и Мексико со 18 отсто и Азија без Кина и Јапонија со 17 отсто. Пластиката најчесто се користи за пакување (40 отсто), а потоа за изградба (20 отсто).
Што се случува понатаму со произведената пластика? Зошто одеднаш стана толку важна тема?

Околу три четвртини од произведената пластика за кратко време се фрлаат. Околу 80 проценти од фрлената пластика завршува во природата и на депониите. Сликите од ваквото секојдневие се катастрофални, секоја година во океанот завршуваат 8 милиони тони пластика, која ја јадат рибите, а потоа ние ги јадеме рибите. Стомаците на китовите заробени на бреговите се полни со пластичен отпад, фоките се заглавени во ѓубре, плажите се полни со отпад, а по патиштата, за што и самите сме сведоци, насекаде има отпад.

Директните последици врз обичниот човек се проценува дека допрва ќе почнат да се чувствуваат, затоа што, како што информираа истражувањата, ако не се промени начинот на употреба на пластиката, до 2050 година ќе има повеќе пластика од риби во океаните.

Во последниве неколку месеци, се зборува за намалување на пластичните ќеси во секојдневната употреба, но и целата пластична амбалажа. Во некои држави целото општество работи заеднички на намалување на производството на пластика за да ја намалат употребата на пластика, а особено онаа за еднократна употреба, како што се садови за пакување, пластични ќеси, цевчиња и други.

Проблемот со пластиката е што досегашната стратегија за собирање и за рециклирање не дава позитивни резултати. Тоа е затоа што употребената пластика е речиси безвредна и затоа што е поевтино да се произведе нова отколку да се рециклира старата. Околу 50 проценти од ПЕТ-пластиката од која се прават шишиња за рециклирање, се собираат во центрите за рециклирање низ светот, но само 7 проценти од нив се рециклираат, а остатокот останува таму засекогаш, целосно неискористен.
Прашањето е што можеме ние поединците да направиме?

За почеток можеме да ја намалиме употребата на пластика за еднократна употреба, да го намалиме користењето ќеси, цевчиња, пластични шишиња, пластичен прибор за јадење. Да користиме цврсти обични сапуни наместо течни. Да не ја фрламе пластиката во контејнери заедно со други отпадоци. Да го селектираме пластичниот отпад и да го фрлиме во специјални контејнери за пластика.

Да ја продадеме собраната пластика на компаниите што се занимаваат со рециклирање или да се однесе во центар за рециклирање. Да купуваме производи од компании посветени на одржливо производство, кои користат материјали што можат да се рециклираат во производството. Затоа што навистина се претерува со користењето пластика.