Роботите би можеле да заменат 20 милиони работни места во индустријата во светот до 2030 година, што ќе ги влоши социјалните и географските нееднаквости, но ќе има позитивно влијание врз економскиот пораст.
Британската канцеларија „Оксфорд економикс“ изјави дека најмногу ќе бидат погодени работните места со најниски квалификации, и тоа на нееднаков начин низ земјите во светот, како и во внатрешноста на една земја.

Роботите веќе зазедоа неколку милиони места од луѓето во индустријата, а тој тренд се зголемува и во другите области благодарение на модерната технологија и вештачката интелигенција, информира британската канцеларија, во која се разгледува и економскиот аспект за употреба на роботите.

Многу аналитичари сметаат дека автоматизацијата, во општа смисла, придонесе за создавање нови работни места, но се создаде голем јаз меѓу работните места со високи и ниски квалификации, така што многу работници останаа aбез работа.
Роботизацијата ќе влијае на зголемување на продуктивноста и на економскиот пораст, велат експертите, проценувајќи дека светската економија би можела да профитира до 5.000 милијарди долари до 2030 година.

Експертите, исто така, посочуваат дека најмногу ќе бидат погодени работните места со повторувачки активности, како и работните места во логистичките центри.
Работните места што бараат сочувство, креативност и рационална интелигенција ќе останат во рацете на луѓето уште децении, се вели во извештајот, додавајќи дека роботите сепак повеќе ќе бидат присутни во трговијата, здравството, угостителството, сообраќајот и земјоделството.