Стефан Митров, организатор на конференцијата за компјутерска графика и анимација

Младинскиот културен центар минатиот викенд беше домаќин на „М3 Конференција“ – првата организирана конференција за компјутерска графика и анимација во Македонија, во организација на „М3ДС – Академија за 3Д-дизајн и дизајн за видеоигри“, наедно и прва од светски ранг на Балканот.
Публиката имаше можност да ужива во активности и предавања на темата „Компјутерска графика и анимација“ и да запознае неколку звучни имиња, луѓе што работат во најпознатите анимациски студија како „Пиксар“, „Дримворкс“ и „Сони пикчрс имиџворкс“. Стефан Митров е основач на академијата и организатор на конференцијата.

Кога и во какви услови се основа академијата и што поточно нудат нејзините програми?
– Академијата е основана во 2016 година, со реално тежок почеток. Во почетокот со капацитет од шест компјутери, но и покрај условите се залагав на секој запишан студент да му се посветам, да му помогнам и да му пренесам максимално знаење. Подоцна се отвори можност за проширување на студиото со капацитет од над 30 компјутери, графички таблети, 3Д-печатачи и сета друга потребна опрема. Секој студент може да добие меѓународно признаен сертификат. Во поглед на студиските програми што ги нудиме, се издвојува академската година за која не е потребно предзнаење, а следејќи ја програмата на крајот на годината студентите стекнуваат знаење што веднаш можат практично да го применат во која било сфера од оваа индустрија. Располагаме и со помали курсеви, на пример учење дизајн на видеоигри со забрзана програма. Имаме и курсеви за основците во времетраење од две години.

Како се роди идејата за организирање конференција?
– Сакавме да донесеме позитивна промена во општеството, а со оглед на тоа што „Академијата М3ДС“ соработува и има контакт со повеќе светски студија, сметавме дека конференцијата ќе биде добар начин да се поттикне целата оваа индустрија во нашата држава. Располагаме со одлични артисти, а дополнително сакавме и да ја подигнеме мотивацијата кај нашите студенти. Настанот беше од огромно значење за македонската публика како и за ваквата индустрија на овие простори. Навистина е тешко да донесеш артисти од светски студија. Имаше голем интерес, сите карти беа распродадени. Досега немало ваков тип конференција на Балканот, особено не од ваков светски размер.

На листата на гости беа звучни имиња: Ерик Смит („Пиксар анимејшнс“), Џ.С. Корвел („Дримворкс“), Џошуа Бевериџ („Сони пикчрс имиџворкс“). Што беше потребно за да се донесат овие луѓе во Македонија?
– Изборот се сведе на тоа што во минатото имавме воспоставено контакт и соработки со некои од овие угледни луѓе. Беа потребни многу преговори, координација, организација, но пред сѐ волја и упорност за да го добиеме афирмативниот одговор од секој спикер. Презентациите изобилуваа со факти и знаења и помогнаа за сечие усовршување во оваа сфера. Важно е дека Скопје доби конференција за 3Д-анимација и компјутерска графика од светски ранг.