Тепихот, сунѓерот за садови и душекот извори на бактерии

Тешко е да се замисли дека она што го користиме за чистење може да биде средство за ширење бактерии низ домот. Истражувањата покажаа дека кујнскиот сунѓер содржи многу микроорганизми што можат да го загрозат нашето здравје и здравјето на нашето домаќинство. Сунѓерот можете да го исчистите ставајќи го влажен во микробранова печка 90 секунди. На овој начин можете да отстраните 99 проценти од бактериите. Многумина се изненадени што извор на бактерии може да биде и машината за перење. Ако оставите влажни алишта за перење, па дури и накратко, ризикувате развој на бактерии и други микроби. Најдобро е облеката да ја исушите, па потоа можете да ја ставите за перење. Не заборавајте периодично да ја чистите внатрешноста на машината со мешавина од сода бикарбона и топла вода.
Иако ѝ дава топлина на просторијата, тепихот е дом на многу бактерии. Некои наведуваат дека може да прими до осум пати повеќе нечистотија од сопствената тежина. Тепихот треба да се вшмукува добро еднаш неделно и, ако е можно, да се освежува со средства за чистење, а еднаш годишно треба да се носи на професионално чистење.
Душекот не е лесен за движење, но вреди да се помести малку. Добро е да го извадите на балкон или во двор за повремено да го проветрувате. Апсорбира пот и мртви клетки, па затоа е погоден за репродукција на опасни грини.