Две состојки за мирисливи и меки крпи

Стручњаците велат тоа што понекогаш чистите крпи се рапави и имаат лош мирис е резултат на грешките при перењето, но и несоодветното чување. Еве неколку начини како да се избегне овој проблем.
Најважно е крпите да се перат на висока температура, за да се уништат сите бактерии, но и за да се отстрани непријатниот мирис. Се препорачува перење на температура до 60 степени во машина, но повремено да се перат и на 90 степени.

Доколку не помогне ни овој метод, има еден трик што вклучува две добро познати состојки: алкохолен оцет и сода бикарбона. Содата ги неутрализира непријатните мириси, а оцетот ја чисти нечистотијата и ги уништува бактериите. Може состојките да се употребуваат и посебно, а може и да се комбинираат при перењето.
Доволно е половина филџан алкохолен оцет да се стави директно во машината за перење алишта, за време на плакнењето. Оцетот ќе ја омекне ткаенината, ќе ги отстрани дамките, бактериите и мувлата.
Од друга страна, содата бикарбона се става во исто количество, и тоа за време на перењето. Освен непријатните мириси, таа ќе ги отстрани и дамките од храна и масло, ќе воспостави добар пХ на водата, но и ќе ја исчисти машината.