Аријана Гранде и Лејди Гага

Лејди Гага доминираше во невообичаената година за доделување на видео-музичките награди на „Ем-ти-ви“, освојувајќи пет признанија на церемонијатa одржана во Њујорк, во чудна атмосфера поради пандемијата, пренесува „Гардијан“.

Церемонијата започна со видео кое му оддаде почит на актерот кој го глумеше Црниот пантер, Чадвик Боусмен, кој во петокот почина на 43 години по четиригодишна борба со рак на дебелото црево. Доделувањето на наградите беше во чест на движењето „Црните животи значат“, како и на убиените Афроамериканци Џорџ Флојд, Бриона Тејлор, како и на тешко ранетиот Џејкоб Блејк. Наградите беа проследени со повиците за единство и расна правда кои одекнуваа во текот на целата церемонија на доделувањето. 

Лејди Гага, која имаше девет номинации, носеше различни маски во текот на вечерта, а доби награди за изведувач на годината, песна на годината, најдобра кинематографија и најдобра соработка за песната „Rain on me“ и инаугуративната награда „Трикон“, за изведувач успешен во три или повеќе дисциплини.

 

– Иако културата можеби изгледа дека е мртва, знам дека доаѓа ренесанса. Останете безбедни, и иако ќе звучам како расипана плоча, но, носете маска. Тоа е знак на почит – рече пејачката за време на нејзиниот говор на доделувањето на наградите. 

Меѓу другите добитници беа „Д Викенд“ за најдобар видео-спот за песната „Blinding Lights“, Тејлор Свифт за најдобра режија на „The Man“, Малума со „Que Pena“ за најдобар латино хит, Мeган Ти Сталион со „Savage“ за најдобра хип-хоп нумера, „Би-Ти-Ес“ со „On“ за најдобар поп, и Доџа Кет за најдобар нов уметник.

На церемонијата на „Ем-ти-ви“ беа доделени првите награди по избивањето на ковид-пандемијата во САД. На шоуто танцуваа и пееја жени облечени како здравствени работници, а сегментите честопати покажуваа како танчарките зад сцената се движат по утврдени правила за дистанцирање. Хибридната програма беше составена од видео настапи без публика и во голема мера се потпираше на видео-ефектите и ентузијазмот на водителите и ѕвездите. 

Лејди Гага, Аријана Гранде и нивните танчари носеа маски за настапот на „Rain on me“. На доделувањето беа претставени две нови категории поради новонастаната ситуација годинава – најдобро музичко видео од дома, во кое наградата им припадна на Џастин Бибер и Аријана Гранде за песната „Stuck with you“ и за најдобра изведба во карантин за латинската супергрупа Си-Ен-Си-О за песната „Honey Boo“. Перформансот на групата „Блек ајд пис“ ја затвори вечерта, а финалните зборови ги имаше фронтменот Вил ај ем.

– Знам дека сега се тешки времиња, но мораме да ја одржуваме љубовта во живот. Ваканда засекогаш! Црните животи значат! – рече Вил ај ем.