Бразилската легенда на Барселона, Роналдињо, конечно, излезе од парагвајскиот затвор и сега е во домашен притвор, кој очигледно нема да му „легне“ лошо бидејќи се работи за престој во луксузен хотел со четири ѕвездички.

Роналдињо останува под истрага кога беше уапсен со брат му Роберто на 6 март во обид да влезе во Парагвај со парагвајски пасош за што му се заканува затворска казна од 6 месеци. 40-годишниот Роналдињо, по плаќањето кауција од 1,5 милион долари, се наоѓа во домашен притвор во хотелот „Палмарога“ во престолнината на Парагвај, Асунсион.

Роналдињо таму ќе биде сместен во претседателскиот апартман, со сопствен балкон, 55-инчен телевизор и голема бања. Тој исто така ќе добива и собен сервис, а брат му ќе биде во „егзекјутив апартманот“, две врати до него. Судијата Густаво Амарилја дозволи двајцата да бидат сместени во хотелот додека се разгледува жалбата на адвокатите.