Вистинското име ѝ е Шерилин Саркисјан. Едни ја нарекуваат кралица на поп-музиката, други најголема геј-икона, а трети едноставно – Шер. Таа е една од првите мултиталентирани уметници – пејачка, актерка, кантавторка, филмска директорка. Прво почна со музика – поп, рок, фолк, денс-поп, поп-рок и диско, а потоа и како актерка, и тоа добра и многу наградувана. Додека се докажуваше на музичката и на актерската сцена, полека ама сигурно стана и модна икона, со посебен и уникатен стил. Родена е на 20 мај 1946 г. во Ел Центро, Калифорнија, САД. По нејзината мајка Џорџија Холт, има француско, германско, англиско, ирско, холандско потекло, дури и крв на Чероки Индијанка, а по таткото, Џон Пол Саркисан има ерменско потекло. На 16 години го напушта школувањето, а со неполни 20 години го снима првиот сингл „Ringo I Love You“. Истата година стапува во брак со музичарот Сони Боно, а веќе следната година ја објавуваат песната „I Got You Babe“, која го запоседнува првото место на музичката топ-листа во САД и во голем број држави во Европа, и стана еден од најголемите хитови во 60-тите години од минатиот век. Во 1969 г. ја раѓа ќерката Шерити Боно, а по 6 години се разведува со Сони Боно и веднаш стапува во брак со музичарот Грег Алман, еден од браќата Алман од групата „Алман брадр бенд“. Следната година го раѓа синот Елијан Блу Елман. Во 1079 г. се разведува од Грег Алман и името го менува само во Шер.

Во 1983 година е номинирана за „оскар“ за споредна женска улога во филмот „Силквуд“, а две години потоа во Кан со филмот „Маска“ освојува „златна палма“ за најдобра глумица. Конечно во 1987 г. освојува „оскар“ за најдобра женска главна улога во филмот, „Опседната од месечината“. Во 1989 г. го снима контроверзниот спот за песната „If I Could Turn Back Time“, кој одбива да го прикажува поради нејзина разголеност и тетоважа на задникот. Подоцна поради популарноста на спотот, Ем-ти-ви почнува со негово емитирање, но само по 21 часот и во скратена верзија. Во 1992 г. ја објавува својата компилација „Најголеми хитови 1965-1992“, која ги зазема првите места на музички топ-листи во повеќе земји и е еден од нејзините најдобро продавани музички албуми. По сите овие подеми како на музички така и на актерски план следува период на намалување на активностите и губење на популарноста. Во 1999 г. триумфално се враќа на музичката сцена со албумот „Belive“ и истоимената нумера, која е број 1 во дури 23 држави, вклучувајќи ги САД и Велика Британија, и всушност е нејзин најголем хит во кариерата. Четири години подоцна во 2002 година, почнува проштална турнеја, која ја нарекува „Living Proof“, која трае дури 4 години и спектакуларно завршува со величествен концерт во Лос Анџелес. Повторно следува притајување од музичката сцена, до 2008 година, кога повторно се враќа и потпишува договор вреден 60 милиони долари за 3 години одржување концерти во Лас Вегас.

Инаку, таа оствари импресивна музичка и актерска кариера проследена со неверојатни бројки: 25 студиски албуми, 13 компилации на најголеми хитови, гостувала во многу телевизиски шоу-емисии, имала и свое шоу на телевизијата и ги освоила безмалку сите музички и актерски награди. Единствена пејачка што од 1960 до 1990 година, секоја декада, има издавано бр. 1 хитови на топ-листите во САД и во Велика Британија. Има продадено 100 милиони ЛП-копии, како соло-пејачка, и 40 милиони со Сони Боно.

Оваа пејачка и актерка од САД, долговечна кралица на поп и рок-музиката е толку витална и активна што дури и во осмата деценија од животот го објавува музичкиот албум „Dancing Queen“, на „Бродвеј“ ѝ се прикажува мјузиклот „The Sher Show“, a во моментот е на светска турнеја со која го промовира новиот албум, што потврдува дека нејзината енергија е непресушна, изгледот беспрекорен благодарение на здравиот живот, позитивната енергија, постојаните врски со помлади мажи и повремено на некои хируршки зафати поврзани со нејзиниот изглед. Таа дефинитивно е музичка и актерска дива – трајножаречка царица на забавата. Олицетворение на слобода и бестрашност. Приврзаничка е на американскиот будизам, политички е активна како приврзаник на демократите во САД, посветена е на хуманитарни акции и е голем филантроп. Уште на почетокот на кариерата беше модна иноваторка – многу храбро ги популаризираше рамната долга коса, модерните панталони наречени ѕвонарки и голиот стомак. Таа е трајна инспирација за идните ѕвезди како Бритни Спирс, Опра Винфри, Кристина Агилера, Лејди Гага. Дефинитивно е докажана, потврдена и една од најголемите модни икони. Модна икони што има став и става, икона што може да носи што ќе посака и од тоа да направи тренд и стил. Во тој поглед можеме да кажеме дека беше мода пред времето на која сѐ беспрекорно ѝ прилега: боди, мото-јакна, реси, и рок, старовремски и ориентален стил. Преку одважност, дрскост и голема храброст ги постави основите на поп-ѕвездите ги постави нивоата во поглед на нивното однесување и изглед. Затоа ја сметаат и за модна икона што извршила влијание врз Бијонсе, Џенифер Лопез и Ким Кардашијан. Позната е и како голема заводничка (иако како млада била заведена од Ворен Бити), особено на млади и згодни мажи и актери на почеток на кариерата, како што се: Том Круз и Вал Килмер, рокерот Ричи Сампора, моторџијата Тим Медветс и многу други.

Како и да е, Шер е една од највлијателните икони и симболи за поп-пејачи од 1960-тите, 1970-тите. Доминантна точка на рок и поп-ерата, прототип на женската поп-ѕвезда. Личност што цврсто управуваше со својата кариера, додека постојано го преобликуваше имиџот, во кој и за кој правеше драматични пресврти преку кои ние добивавме врежани бунт-слики во нашата свест за неа како згодна, елегантна, провокативна, скандалозна убава, уникатна и неповторлива. Таа не е само богата и позната, туку еднакво добра како во музичките перформанси така и во филмските перформанси и модните стилови што ги наметна. Едноставно бесмртна и семоќна, од тинејџерска поп-ѕвезда, до телевизиска водителка, актерка на „Бродвеј“, филмска ѕвезда со „оскар“, дискосензација, модна икона, рок-ѕвезда и поп-кралица. Едноставно таа е културен феномен што засекогаш го смени начинот на кој ги гледаме модата и славните личности.

(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)