Среќата на оние што собраа пари кои излетаа од блиндирано возило во време на најголем сообраќаен метеж траеше кратко, откако американската полиција побара парите да бидат вратени, за возврат ветувајќи дека нема кривично да ги гони оние што ги собирале.

Полицијата на Ист Рутерфорд вчера нешто по осум часот наутро ги прими првите повици за готовина што лета од блиндирано возило и за сударите што се случиле откако возачите ги напуштиле своите автомобили и ги собирале разлетаните банкноти.

На видео снимките објавени на социјалните мрежи се гледа блиндирано возило на 15-сеттина километри од Њујорк и луѓе како трчаат меѓу возилата собирајќи долари по сообраќајницата.

– Тоа е многу опасно, сите таму собираа пари – вели една жена во видеото објавено на Твитер.

Полицијата соопшти дека до вечерните часови дел од парите биле вратени, но не објави колку, ниту, пак, колку вкупно долари одлетале.