Оваа година за сите од нас воопшто не беше она што очекувавме и донесе повеќе тага отколку радост и сега сите едвај чекаме да ја испратиме во историјата. Она што е донекаде добра вест е дека некои луѓе не ја изгубиле смислата за хумор и сè уште се обидуваат да создадат содржина што ќе биде интересна. Затоа ви го свртуваме вниманието со новиот документарец, односно пародија од документарен жанр, со симболично име „Смрт за 2020 година“, кој ќе ја има својата премиера на „Нетфликс“ на 27 декември (недела).
Станува збор за филм зад кој стои Чарли Брукер, творецот на популарната серија „Црно огледало“, и во кој неколку познати актери се појавуваат во улога на „експерти“ што ја анализираат изминатата година, секој од својот агол. Меѓу нив се и Самјуел Л. Џексон, Лиза Кудроу, Лесли Џонс, Хју Грант, Кумаил Нанџиани, Трејси Алман, Кристин Милиоти, Дајан Морган и Џо Кири. Режисер е Ал Кемпбел, додека Чарли Брукер и Анабел Џонс се извршни продуценти.
Идејата зад овој филм е да се претстави како лажен документарец, во кој сите се обидуваат да ги објаснат реалните настани од оваа година без никакво воздржување. Сите имаме своја визија за годината што изминува, која не вклучува многу убави зборови, па останува да видиме што ќе донесе овој филм, целта е, се разбира, да нѐ насмее, иако горко, и да ни помогне на сите да се збогуваме со годинава еднаш засекогаш.