Телевизискиот канал МБЦ од Јужна Кореја неодамна емитуваше корејски документарен филм што се фокусира на едно семејство, кое сѐ уште жали над својата прерано изгубена млада ќерка, седумгодишната Нејон. Користејќи ја моќта на фотограметрија, снимање на движење и виртуелна реалност, тимот повторно ја создаде Нејон за едно последно збогум со мајка си, Џи-сунг.

Како типично седумгодишно дете, Нејон била весела и разиграна. Но таа одеднаш се разболела од хемофагоцитна лимфохистиоцитоза (ХЛХ), животозагрозувачка болест, која предизвикува тешко хипервоспаление поради неконтролиран раст на белите крвни зрнца на телото. Според Џи-сунг, сѐ започнало како обична настинка. Нејзината ќерка починала по еден месец во болница.

Наречен „Среќавајќи те“, документарниот филм реанимира серија топли спомени од животот на Нејон. Носејќи на себе „ХТЦ виве про“, ГПС-уред „виве“ и безжичен адаптер, Џи-сунг одново ја посетува виртуелната верзија на паркот во кој честопати одело семејството. Нејон се смешка и претпазливо ја прашува мајка си дали се плаши. Таа се прашува зошто е студено надвор. Допирајќи ги рацете, тие двете се креваат до небесното царство.
За гледачите што не зборуваат корејски, користењето на автоматскиот превод на „Јутјуб“ е во основа бескорисен за деветминутното видео. За среќа, вградените корејски титли беа едноставни за превод преку апликацијата заснована на камера на „Гугл“ и беа извонредно јасни. Со превод или не, моќта на емоциите на Џи-сунг е интензивно човечка, без оглед на јазикот.
Оставајќи го настрана очигледниот фактор на експлоатација на повторното обединување на една мајка со своето починато дете за гледачите на телевизија, Нејон дури и му порачува на својот татко да престане да пуши, а нејзините браќа и сестри да не се караат толку многу. Сето ова е изведено толку верно, што поставува и некои етички прашања за кои сè уште нема јасни одговори. Дали креирањето виртуелни двојници на мртвите блиски може еден ден да се смета за непотребно повторно трауматизирање или валиден механизам за справување и надминување на трагедијата, засега сѐ уште е рано да се каже со сигурност.

Иако ова на прв поглед може да изгледа вознемирувачки и нездраво, се чини дека на Џи-сунг сепак ѝ помага до одреден степен. Таа на себе носи и тетоважа од роденденот на ќерка си како неизбришлив потсетник. Во семејниот дом насекаде има слики од Нејон. Секој месец семејството го посетува гробот на Нејон за да ѝ ги остави омилените играчки. Јасно е дека семејството не бега од реалноста, или се обидува да заборави, што е веројатно едно од најлошите нешта што би можеле да им се случат, наедно, тие не се држат неразумно цврсто за минатото. Пред да ја искуси виртуелната реалност, Џи-сунг запалила писма и предмети од своето дете, вклучувајќи и кошула што била премногу топла за нејзината ќерка да ја носи во болница. Интегрирањето на последните живописни виртуелни искуства на Нејон во нејзината меморија служи како едно горчливо збогум, она што никогаш не би го добиле во болничката соба.
Развиена од јужнокорејската стартап-компанија „Виве студиос“, виртуелната Нејон беше создадена во текот на осум месеци, со користење различни техники. За таа цел, освен што се снимени движењата на возрасен актер, снимени се и изрази на лицето. Не само што се снимени движења на возрасен актер туку и се снимени и изрази на лицето, базирани на видеа и фотографии од реалната Нејон.

Фотографиите со висока резолуција се направени во 3Д-техника за снимање наречена фотограметрија. Малата сестра на Нејон, која неверојатно личи на својата постара сестра, е искористена како основа на моделот на ликот. Студиото успеа да додаде и одреден степен на живост на ликот, со интегрирање техника на препознавање глас и основна вештачка интелигенција, што ѝ овозможува на двојката да оствари базичен разговор, а одговорите биле креирани врз основа на семејни интервјуа и видеа.