Иако има уште време до 93-то доделување на највисоката филмска награда „оскар“, која ќе се одржи во февруари следната година, Академијата за филмска уметност и наука размислува да ја одложи манифестацијата. Според анонимни извори, во моментот сѐ уште нема конкретни планови и засега сѐ уште важи терминот 28 февруари 2021 година, со директен пренос на телевизијата Еј-би-си.

Кога во април беа објавени привремените правила во однос на процедурата за доделување на најпрестижната филмска награда во светот, како резултат на пандемијата на ковид-19, претседателот на Академијата, Дејвид Рубин, изјави за „Варајати“ дека е премногу рано да се знае како може да се изведе доделувањето на „оскарот“ со физичко растојание во 2021 година.
– Невозможно е да се знае каков ќе биде амбиентот. Знаеме дека сакаме да ja славиме филмската уметност, но не знаеме точно каква форма ќе има манифестацијата – рече Рубин.

За оваа година, филмовите објавени дигитално може да се квалификуваат ако студиото првично планирало киноиздание. Новите измени во правилата вклучуваат и можност номинациите за „оскар“ да се одржат во Њујорк, Чикаго, Мајами, Атланта и Беј зоната, наместо само во Лос Анџелес.
Не е јасно ни дали одложувањето на „оскарите“, исто така, значи дека Академијата ќе им овозможи на филмовите објавени по крајниот рок на годината да се квалификуваат за наградата.