Има ли поголемо признание од она што сме го оставиле зад себе во овие 25 години вели, Петар Младеновски Фото: Дарко Андоновски

Петар Младеновски, лидер на групата „Суперхикс“

Роденденскиот концерт на „Суперхикс“, со кој одбележуваат 25 активни години на музичката сцена, ќе се одржи утревечер во Младинскиот културен центар во Скопје. Верните обожаватели ќе имаат можност да ги пеат песните на омилениот бенд, да уживаат во посебната сценографија, настапите на гостите… Ќе има и две иницијативи, за подигање на свеста за заболените од мултипла склероза (МС) и против оружјето

Петар Младеновски, заедно со својот бенд „Суперхикс“, во изминатите 25 години остави големи траги на македонската и на регионалната музичка сцена. Зад Пеце и момците се многубројни настапи, испеани хитови, но и неуморно учество во многу општествени збиднувања, разни кампањи и активности, секогаш поддржани од нивната верна публика, која, веруваме, утревечер ќе дојде во голем број за да го прослават заедно јубилејот. За своите обожаватели неодамна „Хикси“ го издаде и својот нов сингл „Модерна љубов“, а по скопскиот ветуваат уште многу настапи и нови песни.

Зад вас се 25 години активно живеење на бендот „Суперхикс“, што ѝ подарија членовите на групата, а што добија за возврат во овој четврт век?
– На бендот сме му подариле четврт век од нашите животи… или можеби е обратно не знам. Можеби ние треба да сме му благодарни што ни се случил. Никој од нас не ни претпоставувал кога бил тинејџер и кога сме почнувале со свирење дека ќе ни се случат сите оние настапи, спотови, километри низ Европа, публика, успеси. Добивме многу! Можеби можевме и повеќе ама ова со музикава е малку и лотарија, некогаш оди, некогаш имаш среќа некогаш не баш. Ние бевме мошне среќни, покрај талентот и работата, нели.

Ретко која група кај нас може да се пофали дека толку долго и успешно егзистира на музичката сцена, дома и надвор од границите на Македонија. Што беше пресудно да истраете, да не се откажете, да правите постојано „песни, глупави лесни“, да ја радувате публиката каде и да се појавите?
– Нема тука правила или формула за еден бенд да постои активно толку долго. И тука сме имале среќа и веројатно најважното – почит и разбирање. Сме поминале заедно низ многу ситуации и на крајот сме доаѓале секогаш до компромис (ова го правевме многу пред Преспанскиот договор на пример). Инаку навистина, кажете ми колку бендови има во Македонија, па и во регионот што активно, без паузи, функционираат и свират во континуитет 25 години? Сами веќе неколкупати сме си честитале за тоа.

Мислите ли дека андерграунд-сцената, на која ѝ припаѓате, заслужи многу повеќе од она што државата ѝ го даде досега?
– Ниту очекуваме некакви признанија ниту ги посакуваме. Има ли поголемо признание од она што сме го правеле и сме го оставиле зад себе во овие 25 години и од сета онаа публика и илјадници насмеани лица што сме ги гледале на нашите концерти? Нема! Поголем орден и медал од тоа да знаеш дека преку музика и текст си забавувал толку луѓе едноставно нема! Инаку, мислам дека не сме одамна дел од андерграунд-сцената. УД-бендови не прават концерти за 1.000, 3.000, 7.000… луѓе. Слободно наречете нѐ и мејнстрим и андерграунд, исто ни се фаќа.

Сепак, дали по малку се чувствувате како Дон Кихот во борбата со ветерниците, со оглед на сите пречки што требаше да ги прескокнете за да стигнете дотука, а уште толку нови постојано се испречуваат на вашиот креативен пат?
– Па добро, конкретно оваа „борба“ со „Суперхикс“ не е само моја туку на сите што сега се и некогаш биле дел од оваа банда. Сите заедно сме се бореле и против „естрадната корупција“ и против неправдата рокенрол-бендовите да бидат малку медиумски застапени. Сме се бореле и за нашите колеги. Некои од нив се доста мрзливи и пасивни, ама ете и за нив сме се бореле и за авторските права и за изведувачките и за сето поврзано со овие работи, чија реална регулација никогаш докрај не е завршена. Инаку, мојата лична борба е на многу полиња, некогаш излегувам сам некогаш добивам и поддршка. Таа најмногу е фокусирана последнава декада на борба со кичот и шундот, кои се присутни секаде. Мислам дека полека и во учебниците ни влегува и она што е најстрашно почнуваат некои да го третираат и како „култура“. Е па, нема да може баш така. Додека знам и сум свесен што е исправно за мене и луѓето околу мене (читај: моите деца) нема да престанам да се борам.

Славеничкиот концерт на „Суперхикс“ ќе се случи утревечер во денсинг-салата на МКЦ, простор што е симбол на урбаното живеење на Скопје. Што да очекуваме на роденденската журка?
– Најпрво сакавме ова да биде одбележување со концерт од формат за најмногу 200 најголеми обожаватели, што се покажа како погрешно затоа што уште во почетокот многу стари обожаватели ќе ни се налутеа, па еве една фина варијанта да го направиме тоа во Младинскиот културен центар за (барем) 1.000-1.200 души. Патем, благодарни сме им на луѓето од МКЦ, кои без размислување веднаш се нафатија да ја организираат оваа прослава со сѐ што е потребно. Концертот ќе биде една интересна забава со посебна сценографија, понекој гостин, светло, ефекти, и други чуда и врагови. Сепак е дваесет и петка!

Ветивте нов албум наскоро, имате нов член во бендот, се подготвувате за многу свирки со кои ќе ги одбележите првите 25 години. Кој е еликсирот што повторно го разгоре огинот меѓу членовите на „Суперхикс“?
– Ветуваме нов материјал и тоа без некое брзање веројатно. Форматот на „албум“ одамна изумре, па ова повеќе го правиме за нас (ЦД, винил, онлајн-изданијата издадени последнава декада). Ќе одиме сингл по сингл, па ќе видиме. Мислам дека токму оваа дваесет и петка му ја разгоре страста на бендот и му даде нов елан. Па, ќе видиме…

Како неуморен борец за подобро утре, за што повеќе добра музика и добри вибрации меѓу луѓето, што е она што би им го порачале на вашите почитувачи што ве следеа изминатите години?
– Секогаш го повторувам истото: само работа, труд, позитивни вибрации, насмевки и баталете мобилни луѓе! Дружете се повеќе и шетајте повеќе! А тука, во „Нова Каледонија“ и онака ништо подобро нема да биде. Направете да ви биде фино вам и на блиските околу вас! И најважното – многу љубов за сите!