Доброто вино треба да има уникатна амбалажа

Јулијана Милкова и Тодорка Андова сликаат на стакло

Во пресрет на празникот Свети Трифун, кој традиционално се одбележува во Тиквешијата, Јулијана Милкова и Тодорка Андова од Кавадарци испраќаат порака за рециклирање на стаклото од винските шишиња и користење на можноста за повеќекратна употреба. Тие веќе неколку години се занимаваат со интересно хоби, сликаат на стакло и на многу инвентивен начин го разубавуваат пакувањето на добрите вина што се произведуваат во овој лозарски крај.
Јулијана Милкова, иако е докторка по ветеринарна медицина, дарбата за уметност во себе ја носи уште од дете, но се манифестирала многу подоцна, кога му се посветила на својот талент и ја подготвила првата самостојна изложба.

Љубител е на природата, особено на цвеќето, на чие одгледување исто така посветува време. Бидејќи во секоја куќа може да се најдат распар чаши, таа својот прв обид на сликање на стакло го направила со техниката декупаж. Кога добила на подарок чинија со цртеж со контурни бои, добила идеја да ја доцрта.

Сѐ поголемиот број на семејни винарници во Кавадарци, кои преку своето здружение ги промовираат своите вина, придонесе да се појават и првите млади винари, кои бараат оригинални пакувања за нивните вина и ракија.
– Во последно време најмногу сликам стаклени шишиња за вино и жестоки пијалаци. Секое шише е уникатно, бидејќи никогаш не правам две исти.

Најчесто им ги подарувам на блиски луѓе, роднини или пријатели, а инспирацијата ја добивам од лицето за кое е наменет подарокот. Во последно време винарите произведуваат сѐ подобри вина, така што секоја голтка добро вино или приказна на винарот може да ја разбуди мојата креативност. Бидејќи сме лозарски крај, паралелно со тенденцијата да се усовршува и модернизира производството на вино, треба да се работи и на подобрување на амбалажата, да се понуди нешто ново и уникатно – вели Милкова.
Тодорка Андова, по професија историчарка на уметноста, а од скоро е активна пензионерка, неуморно наоѓа начини да ја изрази својата дарба за уметност. На своите најмили, со кои го помина целиот работен век, им подари четири поетски книги за деца, а коавторка е и на музичката песнарка „Ајде да пееме“. Покрај поезијата за деца и возрасни, таа својата креативност ја изразува и преку правење сувенири – кукли во народна носија, теракота и украсни чинии со фолклорна орнаментика и коноп и слики со суво цвеќе на стакло.

– Сликањето на стакло е мое хоби веќе десетина години, но во последно време повеќе е нагласено со испраќање на пораката за рециклирање. Грозјето, овошјето и фолклорните елементи, како и разновидни цветови се чести мотиви во моите дела, кои во најголем дел им ги подарувам на блиски и на пријатели – ни рече Андова.