„Riot“ е првата заедничка нумера на македонските диџеи и продуценти Деловски и Томи Тасев. Песната, која е во издание на продуцентската куќа „Смтхнгелсе“ од Германија, веќе е промовирана на Спортифај и ајТјунс и сите поголеми стриминг-платформи во светот.
– Идејата за „Riot“ се роди лани во ноември. Најдов одличен машки вокал, кој веќе го испеа текстот, и решив да направам песна базирана на неговото пеење. За кратко време ја имав првата демо-верзија. Бидејќи сакав да направам мали измени во текстот, исконтактирав со вокалистот, а тој ми одговори дека има потпишано ексклузивен договор со продуцентската куќа што ги издава неговите вокали и оти не смее да прават измени на испеаното – вели Деловски.
Тој потоа демото му го испратил на Тасев и заедно решиле да најдат македонски пејач што би ја испеал песната онака како што тие ја замислиле.
– Исконтактиравме со неколку музичари, сите беа добри, некои и над нашите очекувања, но на крајот решивме да ја издадеме „Riot“ со првичниот вокал. Со Томи ја завршивме песната пред неколку недели и сега конечно ја промовираме преку германската продуцентска куќа со која имаме потпишано договор – додава Деловски.

Тој е музички продуцент и диџеј од Скопје, кој е дел од електросцената од 2011 година. Деловски денес се вбројува меѓу најдобрите мешупс/едитс диџеи на Балканот. Ова реноме го стекна преку познатата диџеј-страница демодроп.ком, каде што го следат над 13.000 диџеи од светот и ги пуштаат неговите верзии на песни на своите настапи.

Некои од нив се пуштани на најголемите фестивали во светот како што се: „Томороуленд“ и „Ултра мјузик фестивал“, па и на светски радиостаници меѓу кои Би-би-си Радио 1 Лондон и Хакасан Лас Вегас радио.
Деловски настапува во многу клубови и локали низ земјава. Освен што настапува како диџеј, тој во иднина најавува соработка со познатата македонска етногрупа „Синтезис“ и со еден од најдобрите македонски бендови „Нокаут“.

Томи Тасев е македонски диџеј, продуцент и музичар, со седиште во Сент Гален, Швајцарија. Неговата музичка приказната започнала во 2006 година, кога почнал да пее и да свири пијано во училишниот бенд. Во 2013 година почнува да се занимава со музичка продукција, една година подоцна почнал да работи и како диџеј.

Во 2018 година Тасев ја издава својата прва песна „Broken“, со што почнува да се менува и неговата музичка кариера. Шест месеци подоцна следува „One Look One Smile“, а во 2019 година настапи на еден од најголемите летни настани во Македонија, „Струмица опен фестивал.“. Тасев неодамна доби признание од Спотифај како артист со еден милион преслушувања на оваа музичка платформа.