Лукијан од Самосата ни пренесува една интересна анегдота за хеленскиот филозоф Диоген, кој бил познат по презирањето на богатството и општествените норми. Кога жителите на Коринт разбрале дека Филип Македонски со својата војска се упатил кон градот, се вознемириле и се зафатиле со работа. Едни правеле оружје, други носеле камења, трети го доградувале бедемот, секој зел да прави нешто полезно. Диоген го гледал сето ова и бидејќи никој не му давал задача, го исправил ќупот во кој живеел и започнал да го тркала горе-доле по ритчето во непосредна близина на Коринт. Набргу, некој пријател го запрашал – Што правиш, Диогене? На што Диоген одговорил – Ете, си го тркалам чупов, за да не си помислите дека, меѓу толку забрефтани луѓе, само јас седам без работа! –