Компанијата „Волт Дизни“ и актерката Скарлет Јохансон го решија својот правен спор што произлезе од објавувањето на суперхеројскиот филм на „Марвел“, „Црна вдовица“, соопштија компанијата и актерката во четвртокот во заедничка изјава.

Условите за спогодба помеѓу „Дизни“ и компанијата на Јохансон „Перивинкл“ не беа откриени.

Јохансон (36) го тужеше „Дизни“ во јули, обвинувајќи го гигантот за забава дека го прекршил договорот кога го понудил филмот на своите претплатници на стриминг-услугата „Дизни плус“ во исто време кога филмот се прикажувал во кината.

Нејзината тужба, поднесена до судот во Лос Анџелес, тврдеше дека стратегијата со двојно издание на филмот ги намалила нејзините хонорари, за кои таа рече дека требало делумно да се засноваат на приходи од киноблагајните од ексклузивно прикажување во киносалите.

„Дизни“ веднаш реагираше на ваквите наводи и остана на ставот дека тужбата е неоснована и дека студиото ги почитувало условите од договорот со Јохансон.

Компанијата тужбата на Јохансон ја оквалификува како „грубо игнорирање на ризиците за филмската публика во текот на пандемија на ковид-19“.

„Црна вдовица“, кој дебитираше на 9 јули во кината и на „Дизни плус“ за претплата од 30 долари, заработи повеќе од 378 милиони долари на светските киноблагајни, според услугата за следење филмови Box Office Mojo. Филмот генерираше и околу 60 милиони долари преку претплати за стриминг во првите 20 дена од објавувањето, според „Дизни“.